Saimir Alija
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
ТИРАНА (АА) - Опозициските партии во Албанија организираа антивладин протест додека се одржуваше пленарната седница во Собранието на Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестот на кој настанаа и тензии, беше организиран пред седиштето на Собранието на Албанија од страна на Демократската партија на Албанија и партијата Социјалистичко движење за интерграција, со барање да се формира преодна влада и да се организираат предвремени избори.
Стотици полициски сили беа ангажирани пред Собранието на Албанија и другите институции, со цел осигурување на безбедноста на денешната пленарна седница и непречено одвивање на протестот.
Демонстрантите фрлаа димни бомби и други предмети кон полицијата, предизвикувајќи тензии и судир со полицијата.
Од друга страна, албанската полиција постави кордон во главните влезови на Собранието, осигурувајќи безбеден премин на министрите и пратениците.
Пред започнувањето на седницата се случи инцидент, во кој пратеникот Талф Ѓони беше погоден со боја во влезот на неговата куќа, во моментот кога заминуваше на пленарната седница во Собранието каде што требаше да положи заклетва за неговата функција како нов пратеник.
Опозициските партии во текот на изминатите недели организираа неколку протести во Тирана во кои имаше и тензии, инсистирајќи на создавање преодна влада, која според нив, би организирала предвремени избори.
Пратениците на Демократската партија на Албанија (ДП) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (СДИ) одлучија да поднесат оставки од нивните пратенички мандати, одлука на која се спротивставуваат претставниците на Европската Унија (ЕУ).
Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, се спротивставува на идејата за одржување на предвремени избори.