БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, изјави денес дека Грција смета оти сите земји од Балканот имаат свое место во ЕУ, но дека мора да го почитуваат меѓународниот легитимитет, меѓународното право и европската култура и цивилизација, пред да станат членки, јавува Anadolu Agency (AA).
„Почитувањето на меѓународниот легитимитет, меѓународното право во целост какво што постои, европската култура и цивилизација - тоа се условите за да можеме да создадеме балкански крак на ЕУ - југоисточниот крак на Унијата, како еднаков дел на ЕУ“, рече Павлопулос по средбата со српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Тој додаде дека Грција не сака во ЕУ Балкан кој ќе биде проблематичен дел од Унијата, и дека државите не може да влезат во ЕУ носејќи ги со себе проблемите.
Павлопулос нагласи дека Грција го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ, но со почитување на европските принципи. Тој додаде дека Македонија го користи името на својата држава, со што „ја крши историјата“, и дека покажува тенденција кон отцепување
„Не е во ред државата да каже сакаме во ЕУ, но не ги почитуваме границите кои постојат. Истото важи и за соседна Албанија. Поддржувачи сме на приклучиувањето кон Унијата, но тие не ги прифаќаат основните човекови права. Не можете да имате земја која го прекршува правото на сопственост и да сметате дека патот на таа земја може да биде отворен. Албанија треба да биде претпазлива кога сака да преговара со Европа“, рече Павлопулос.
Тој истакна дека Србија вложила големи напори и треба да ѝ се даде можност за приклучување во ЕУ.
„Србија ја потврди својата желба и преговорите започнаа во 2014 година, за време на грчкото претседавање со ЕУ. Отворени се 10 поглавја од кои три се многу важни. Едно се однесува на човековите права. Грција, која е во ЕУ толку години, има големо искуство, подготвена е да ѝ ја пружи сета можна помош на Србија, на патот кон ЕУ. Сакам да го споделам со вас своето искуство“, рече Павлопулос на прес-конференцијата во Белград, додавајќи дека кога станува збор за односите меѓу Белград и Приштина, за Грција е пресудно почитувањето на текстот и духот на Резолуцијата 1244 на ОН.
Тој се осврна на кипарското прашање и на односите меѓу Грција и Турција. Грчкиот претседател нагласи дека кипарското прашање е меѓународно прашање, и дека Грција сака ова прашање да се реши што е можно поскоро, но, како што наведе, во согласност со меѓународното право почитувајќи го тоа што Кипар е полноправна членка на ЕУ“.
„Решението треба да биде во согласност со европските придобивки и со правото. Не е прифатливо на Кипар да има воени сили. Ние сакаме постоење на меѓународното право“, рече Павлопулос.
Тој истакна дека Грција со Турција сака добрососедски односи и дека сака земјата да ја види во ЕУ.
„Ние велиме дека вратата и прозорците на Турција се кон Грција. Бараме почитување на правото. Границите на ЕУ се граници на земјите-членки на Унијата. Бараме примена на Лозанскиот мир. Тој не дозволува никаков простор за маневрирање. Ѝ велиме Турција вашиот пат е отворен, но почитувајте го Лозанскиот мир. Ние во тоа не попуштаме. Почитувајте ги границите на Грција“, рече Павлопулос.
Говорејќи за споредувањето на Косово со Кипар, Павлопулос рече дека меѓу овие две прашања постои огромна разлика, дека таа е како денот и ноќта, и дека сите оние кои се обидуваат да ги споредат овие две работи треба да посетуваат прва година на меѓународно право.
Тој оцени дека ЕУ е сила која ги надминува народите и дека ЕУ треба да остане обединета.
„Европа да стане федерација, заснована на демоктртаски принципи. Европа која ги поддржува принципите на солидарноста, демократијата и основните човекови права и го поддржува својот социјален ослон - држава на солидарноста. Појавите кои се развиваат, резултатите од неодамнешните германски избори, покажуваат дека појавата на фашизмот не е минато. Ние мора да бидеме будни, да ги заштитиме Европјаните, но и основните човекови права“, рече претседателот на Грција.
Тој оцени дека односите меѓу Србија и Грција се исклучителни и изрази желба дека следната посета на грчки претседател на Србија да се организира кога Србија ќе стане дел од ЕУ.
„Оваа година славиме 150 години на пријателство и соработка. За почеток го земаме склучувањето на првиот договор за соработка на нашите две земји. Оваа година заседаваше првиот Висок совет за соработка. Се надевам дека во најкраток рок ќе заседава и вториот Совет, рече Павлопулос.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, истакна дека Србија ѝ е благодарна на Грција за големата поддршка во однос на територијалниот интегритет и целовитоста на Србија, но и поради поддршката што Грција ѝ ја дава на Србија на нејзиниот европски пат.
„Грција отсекогаш го поддржувала отворањето на поглавјата и верувам дека тоа ќе продолжи со ист или уште поголем интензитет. Денес учев за европското право и политиката, и дел од знаењето на претседателот на Грција ќе го искористам во застапувањето на интересите на Србија“, рече Вучиќ.
Вучиќ нагласи дека трговската размена меѓу двете земји во 2016 година изнесувала 397,8 милиони евра, додека во 2017 година се очекува да изнесува 450 милиони евра, и додаде дека тоа ќе биде значителен пораст во однос на сите останати години.
„Ние не сме задоволни со тоа, сакаме многу повеќе и многу подобро“, рече Вучиќ.
Тој во врска со настаните во Каталонија нагласи дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Шпанија, исто како што и тие „до ден денес стојат цврсто поддржувајќи го интегритетот на Србија“.
„Имам информации дека Европската комисија го прогласила референдумот за незаконски. Прашањето на секој Србин е многу едноставно, а како го прогласивте тогаш за легално отцепувањето без референдум рушејќи го меѓународното јавно право, рушејќи ги политиките на кои е заснована ЕУ. Кое прашање да го поставам кога ќе одам во Брисел. Зошто ние Србите сме најлошо третирани. Како во Каталонија не важи референдумот, а отцепувањето на Косово е можно и без референдум“, рече Вучиќ.