Kayhan Gül
03 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Два од шесте авиони од типот „MiG-29“, кои Русија ги донира за српската војска, пристигнаа во Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
На воениот аеродром „Батајница“, кој се наоѓа во близина на српската престолнина Белград, се одржа церемонијата за примопредавање на воените авиони, на којашто учествуваа српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, и началникот на Генералштабот на српската армија, Љубиша Диковиќ.
Министерот за одбрана, Вулин, потсети дека на 4 јули биле информирани оти два воени авиона ќе бидат предадени на 2 октомври, и пренесе дека до петок ќе бидат предадени и другите четири авиони.
Вулин вели дека за нив е значаен успех не само поради напредувањето на членовите на армијата, туку и поради тоа што војската станува помоќна, поорганизирана и помодерна.
Началникот на Генералштабот на српската армија, Диковиќ, нагласи дека 2 октомври е голем ден за српската војска и за српските воздушни сили. Тој додаде дека овие авиони, кои за првпат по десетици години влегуваат во инвентарот на војската, се мошне значајни за одбраната на земјата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ минатиот декември оствари средба во Москва, и по оваа средба соопшти дека Русија ќе донира шест воени авиони, 30 тенкови, и 30 оклопни воени возила за Србија. Тој додаде дека авионите кои ќе бидат донирани се користени авиони, а нивната модернизација ќе чини од 180 до 230 милиони евра.