Admir Fazlagic
08 Мај 2020•Ажурирај: 09 Мај 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод случувањата во Струга и најавата на Исламската верска заедница (ИВЗ) за отворање на верските објекти на 12 мај телефонски разговараше со поглаварот на Македонската Православна Црква, г..г Стеван и со поглаварот на ИВЗ, реис ул-улема Сулејман Реџепи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска телефонски разговарав со поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, како и со поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи. И, на двајцата лидери им ги пренесов моите ставови и загриженост во врска со вчерашните случувања во Струга, како и за најавата на ИВЗ дека ќе ги отворат верските објекти на 12 мај", се вели во изјавата на претседалот Пендаровски.
„Како претседател на сите граѓани им укажав на верските лидери дека од нив очекувам како и досега да повикаат на одговорно однесување на граѓаните за време на верските празници, како и да го осудат секое однесување спротивно на мерките пропишани од државните органи", изјави Пендаровски.
Во изјавата претседателот Пендаровски додава дека „една од клучните работи што ни ги покажа пандемијата со КОВИД-19 е дека без разлика на која заедница припаѓаме, сите еднакво сме под ударот на коронавирусот."
„Мерките кои се воведени за заштита од пандемијата, не забрануваат на ниту еден граѓанин да ја практикува својата религија. Но, она што мораше да се ограничи и уште е ограничено, се масовните собирања по повод кој било верски празник, како и верски обичаи", истакнува Пендаровски во изјавата.
Тој ги повика надлежните институции да постапуваат соодветно, во рамки на одговорностите кои ги имаат за одржување на стабилноста.
„На сила е вонредна состојба, пандемијата на КОВИД-19 уште трае, а здравствените работници неуморно и со натчовечки напори секојдневно се ангажирани за лекување на нашите сограѓани кои се заразени. Вложивме многу за да ги избегнеме негативните последици со кои се соочија многу земји каде што имаше голем број на жртви и кои доведоа до затворање на храмови и светилишта како во христијанскиот, така и во муслиманскиот свет", се наведува во изјавата на Пендаровски и се додава:
„Во интерес на сите граѓани, а со цел што поскоро надминување на состојбите побарав од поглаварот и од реисот да делуваат превентивно и да не ги поттикнуваат собирите на големи групи верници."