Abdula Berisha
16 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека ќе донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба низ целата земја за борба против ширењето на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (AA).
Претседателот на државата, Пендаровски, претходно прогласи 30-дневна вонредна состојба на 18 март, но како што рече, Уставот на земјата не предвидува законска можност за продолжување на вонредната состојба, така што претседателот ќе ја објави повторно.
„Затоа, јас денеска врз основа на нов образложен предлог од Владата, а во ситуацијата кога Собранието не работи, ќе донесам нова одлука за утврдување на постоење вонредна ситуација за период од 30 дена на целата територија на државата“, рече претседателот Пендаровски на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност.
Пендаровски рече дека кризната состојба во општините Дебар и Центар Жупа се укинува, каде, како што рече, се забележува позитивен развој на настаните.
Меѓутоа, Пендаровски најави дека наскоро може да се прогласи кризна состојба во Куманово, каде што се бележи зголемување на потврдените случаи на Ковид-19.
Претседателот Пендаровски исто така ја охрабри Владата по православниот празник Велигден да го дефинира планот за постепено враќање во нормална економска активност.
„Јасно е дека не само ние, туку и целиот свет ќе мора да научиме да живееме со вирусот подолг временски период, а во меѓувреме ќе мора да изнајдеме модалитети животот со сите неопходни рестрикции и превентивни мерки да продолжи да функционира“, рече тој.
Пендаровски исто така рече дека оваа година Православната црква ќе треба да се придржува кон правилата што важат за сите, нагласувајќи дека одржувањето на здравјето е главен приоритет.
Претседателот исто така рече дека месецот Рамазан (месец на постот кај муслиманите) ќе започне за прв пат во вонредна состојба, додавајќи дека „само заеднички и со максимален респект едни кон други можеме да ја надминеме оваа криза“.