Admir Fazlagic
13 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во придружба на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска остварија средба со екуменскиот патријарх г. г. Вартоломеј во седиштето на Екуменската патријаршија во Истанбул, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, на средбата, која се оствари како резултат на поканата што екуменскиот патријарх ја упати до Зоран Заев додека беше премиер на Владата, премиерот Спасовски на патријархот Вартоломеј „му го честиташе празникот Божик, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви“.
Во соопштението од Владата на Северна Македонија се наведува и дека средбата се одржала „во пријатна атмосфера и во срдечниот разговор била изразена надеж дека и оваа година патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и верниците“.
„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во срдечната атмосфера на средбата упати покана до патријархот Вартоломеј да ја посети нашата држава и да се сретне со верниот народ“, информираат од владината прес-служба.