Ekipa
21 Декември 2022•Ажурирај: 22 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што е соопштено од Кабинетот на претседателот, Пендаровски во честитката истакнува дека овој ден е „врзан со почетоците на слободната македонска држава и Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните со која се гарантира правото на слободен национален живот за немнозинските заедници“.
„Еден од првите плодови на таа декларација беше наставата на мајчин јазик за повеќе заедници, вклучително и за турската. Оттогаш до денес, образованието на турски јазик придонесува кон одржувањето на турскиот идентитет, култура и традиција, и негување на соживотот во македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество“, истакна Пендаровски.
Тој нагласи дека како лојални граѓани на Република Северна Македонија, припадниците на турската заедница се истовремено и мост за соработка со пријателска Република Туркије.
„Само сплотени можеме да ги надминеме сите предизвици со коишто се соочуваме како држава и општество. Верувам дека припадниците на турската заедница ќе продолжат да го даваат својот значаен придонес кон градењето на стабилна, праведна и просперитетна држава за сите“, порача Пендаровски.
Турската заедница во Северна Македонија денеска го одбележува Денот на наставата на турски јазик. На 21 декември 1944 година во Основното училиште „Тефејуз“ во Скопје започна наставата на турски јазик. Со одлука на Владата, од 2007 година овој ден е неработен за турската заедница во Северна Македонија.