Zülfiya Yakup
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ПРИШТИНА
Денес продолжи ископувањето на локацијата на просторот на кампусот на Приштинскиот универзитет, во близина на недовршениот православен храм, по повод сомнежот за постоење на масовна гробница од последната војна на Косово. Вчера, во првиот ден од ископувањето, не се пронајдени евентуални посмртни останки, јавува Агенција Анадолија (AA).
Куштрим Гара, член на Владината комисија за исчезнати лица, во изјава за АА потврди дека вчера се отворени три канали во првиот дел на локацијата, два со должина од 20 метри и еден со должина од 10 метри, во согласност со препораките на археологот од судска медицина, но истакна дека не наишле на коски од посмртни останки.
Тој напомена дека целиот простор е обележан според последните податоци и наредбата на обвинителката на Специјалното обвинителство на Косово, Дрита Хајдари, и дека ископувањето денеска е продолжено.
„Денеска се продолжува на друга точка. Почнавме со отворањето на четвртиот канал за да продолжиме со другиот дел на обележаната локација. Важно е секоја информација која е поврзана со оваа локација да се процесуира на најдобар можен професионален начин“, изјави Гара.
Тој истакна дека нема временско ограничување за ископувањето и дека ќе се работи додека означената локација не се пребара во целост.
Обвинителката Хајдари вчера изјави дека информацијата за оваа локација ја доставил сведок, кој тврди дека е очевидец и дека директно видел дека таму се погребуваат посмртни останки во текот на бомбардирањето во 1999 година.
Таа потсети дека на просторот на истиот кампус, но и на други локации, веќе е вршено ископување, со цел пронаоѓање на посмртните останки на исчезнатите, но дека претходните двапати не е пронајдено ништо.
Косово 20 години по војната трага по уште 1.647 исчезнати лица, меѓу кои над 1.000 Албанци и повеќе од 500 Срби и припадници на останатите заедници.