Fatjon Cuka
04 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
ТИРАНА
Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, ја започна официјалната посета на Албанија, во чии рамки се состана со претседателот на Парламентот на Албанија, Грамоз Ручи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот, Шентоп и Ручи одржаа заедничка прес-конференција, на која се фокусираа на помошта од Турција за Албанија и зголемувањето на соработката меѓу двете земји.
Ручи рече дека Албанија и Турција се веродостојни партнери во НАТО и дека интензивно работат за да ја постигнат нивната цел за зачленување во Европската Унија (ЕУ).
Тој истакна дека упатил благодарност за помошта на турската Влада и турскиот народ под водство и иницијатива на претседателот Реџеп Таип Ердоган за дадената поддршка за Албанија, особено за изградбата на 522-те станбени единици по земјотресот кој се случи на 26 ноември 2019 година, како и за помошта дадена за време на пандемијата.
Според него, Албанија го цени стратешкото партнерство и традиционално добрите пријателски односи помеѓу двете земји, за кои рече дека се во служба на соседството, стабилноста, мирот и напредокот на регионот и пошироко.
Ручи истакна дека за време на средбата се осврнале и на посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Турција, и на неговиот состанок со турскиот претседател Ердоган.
„Како што се знае, Албанија и Турција се веродостојни партнери во НАТО и интензивно работат за постигнување на нивната национална цел за зачленување во ЕУ“, истакна Ручи.
Како што рече тој, го поздравиле и постигнатиот договор во Белата куќа помеѓу Косово и Србија за нормализирање на економските односи.