Husamedin Gina
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека досега за 14 лица кои директно учествувале во насилствата за време на протестот за случајот „Монструм“ ќе бидат поднесени кривични пријави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Спасовски на денешната онлајн прес-конференција се осврна на мерките кои се преземени за подобрување на состојбата во безбедноста во сообраќајот, а исто така одговараше и на новинарски прашања.
Истакнувајќи дека анализите покажуваат дека се евидентни резултатите од засилените сообраќајни контроли, министерот Спасовски рече дека граѓаните се подисциплинирани во однос на почитувањето на сообраќајните правила и прописи.
„Бележиме намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во сообраќајните незгоди во 2020 година. А овие трендови се уште повидливи и во јануари 2021 година“, нагласи министерот Спасовски.
Министерот, истакнувајќи дека е намален бројот на загинати лица во сообраќајните незгоди, рече дека во јануари 2021 година, бројот на загинати е намален за 56 проценти, споредено со јануари од минатата година.
Според податоците на Министерството, во јануари 2020 година во сообраќајните незгоди животот го загубиле 9 лица, додека во јануари 2021 година, 4 лица.
Како што истакна Спасовски, вкупниот број на сообраќајните незгоди во јануари 2021 година е намален за 19 проценти.
Во јануари 2020 година регистрирани се 699 сообраќајни незгоди, додека во јануари оваа година бројот на сообраќајните незгоди изнесува 567.
Министерот Спасовски, истакнувајќи дека 2020 година е година со најмал број на жртви во историјата, 125, рече дека според анализите евидентно е дека од 2017 година бројот постојано се намалува.
Наведувајќи дека како министерство ќе продолжат со интензивните мерки и активности за намалување на бројот на сообраќајните незгоди, министерот Спасовски рече дека е изработена мапа на црни точки, кои претставуваат опасни места, локации каде што често се случуваат сообраќајни незгоди.
На прес конференцијата Спасовски информираше и за откриениот корупциски случај со фалсификување возачки дозволи, каде под истрага се 8 полицајци и 28 граѓани.
„За инволвираните полициски службеници ќе следи суспензија и дисциплински постапки. Ниту еден обид за каква било злоупотреба на службената положба нема да биде толериран за кого и да се работи и во која институција и да се работи", изјави Спасовски.
На новинарско прашање дали ќе има кривични пријави за организаторот на протестот за случајот „Монструм“, министерот истакна дека е поднесена пријава против организаторот на протестот, пред сѐ, поради тоа што не се придржувале кон мерките за заштита на здравјето и дека во текот на вчерашниот ден во полицијата се повикани 14 лица, за кои ќе се поднесат кривични пријави, поради тоа што директно учествувале во ваквите насилства кон објектите.
„Вчерашниот ден се идентификувани и повикани на разговор 14 лица, сите се полнолетни, има само едно малолетно лице кое е повикано со свој родител да дојде во полицијата. Така што, секој еден кој прави кривично дело мора да носи одговорност, без разлика на националноста или верската и политичка припадност, без разлика дали е малолетен или полнолетен“, рече Спасовски.
Потсетуваме, на 29 јануари, семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“, нивни роднини и други граѓани одржаа протест во Скопје поради незадоволството од работата на Обвинителството, притоа истакнувајќи дека обвинетите се невини.