Abdula Berisha
26 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во Скопје е потпишан Договорот за Фронтекс, известува Агенција Анадолија (AA).
Договорот го потпиша министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, како и амбасадорот на Република Чешка во земјава, Јарослав Лудва, во име на претседателството на Чешката Република со Советот на Европската Унија (ЕУ).

Договорот за Фронтекс е договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.
Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија.
- „Денес голем ден за Северна Македонија“
По потпишувањето на договорот, Фон дер Лајен и Ковачевски одржаа заедничка прес-конференција.
Премиерот Ковачевски рече дека е среќен што заедно со претседателката на ЕК можат да разговараат за иднината.

„Денес е голем ден за Северна Македонија и за македонскиот народ. Денес го потпишавме договорот Фронтекс на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и без додавки, без нејасни формулации, чист македонски јазик", рече Ковачевски.
Тој рече дека овој договор овозможува заедничко соочување и справување со заканите и ризиците, како што е илегалната миграција.
Премиерот на Северна Македонија зборуваше и за евроинтегративниот процес на земјата, изразувајќи го своето задоволство што по 17 години чекање земјата ги започна преговорите за членство и започна скрининг-процесот. Тој ја повика опозицијата да се обедини кога се во прашање евроинтеграциите.

„Искрено се надевам дека ќе сме обединети за иднината на нашата земја и нашите граѓани. Европската Унија значи повеќе инвестиции, повеќе работни места, подобро платени работни места. Не работиме така напорно за членство во ЕУ само за да кажеме дека сме членка на ЕУ. Работиме на полноправото членство затоа што ќе направиме подобра земја за живеење во процесот. Не постои друга алтернатива за нас освен ЕУ и ако опозицијата тоа не го разбира, тогаш тие буквално си играат со иднината на Северна Македонија", рече Ковачевски.
- Фон дер Лајен за енергетската криза: ЕУ е покрај вас
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во својот говор истакна дека со потпишувањето на договорот се исполнува ветувањето дадено за почитување на македонскиот идентитет и јазик.
„Ви ветив дека ќе го потпишеме договорот за Фронтекс, ќе го преведеме на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички, подеднаков со сите 24 јазици на Европската унија и ова ветување го исполнивме. Како што реков, во Европската унија има 24 официјални јазици. Длабоко сум убедена, нема да потрае долго, ќе имаме 25, бидејќи македонскиот јазик е толку убав јазик“, рече Фон дер Лајен.

Таа му честиташе на премиерот Ковачевски за покажаното лидерство и изрази задоволство за отворањето на преговорите за членство.
Фон дер Лајен рече дека Северна Македонија напредува на патот на интеграциите во тешки услови, кога руската војна во Украина, меѓу другото, предизвика зголемување на цените и енергетска криза.
Зборувајќи за ова, таа рече дека солидарноста и единството во ЕУ во овие кризи важи и за Северна Македонија.
„Мојата порака денес до граѓаните на Северна Македонија е многу јасна: Европската Унија е покрај вас, заедно сме во ова и заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе се движиме кон подобра иднина“, рече Фон дер Лајен.
На прес-конференцијата беше речено дека ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка за Северна Македонија за соочување со енергетската криза, а првата транша е во вредност од 80 милиони евра, кои ќе бидат наменети за буџетска поддршка до крајот на годината.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на престојот во Скопје ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а утре ќе продолжи со посети на земјите од регионот, како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.