СКОПЈЕ (АА) - ФУРКАН АБДУЛА -
Република Северна Македонија ја одбележува 32-годишнината од својата независност, по отцепувањето од поранешна Југославија, пишува Агенција Анадолу (АА).
Земјата под името Република Македонија ја прогласи својата независност во 1991 година како резултат на политичките превривања и конфликти до кои дојде во Сојузна Федеративна Република Југославија. На референдумот за независност одржан на 8 септември 1991 година, 95,3 отсто од граѓаните се изјаснија за „независна Македонија“.
По прогласувањето на независноста, голем број земји, од кои меѓу првите Туркије и Бугарија, ја признаа независноста на Македонија.
За прв претседател на независна Македонија беше избран Киро Глигоров, а националната валута, денарот, беше воведена на 26 април 1992 година. Во август истата година беше формирана и АРМ - Армијата на Република Македонија.
Иако Република Македонија беше едногласно прифатена за членка на Обединетите нации (ОН) на Генералното собрание на ОН одржано на 8 април 1993 година, таа во организацијата беше заведена под името „Поранешна Југословенска Република Македонија“ како привремена референца поради приговорот од страна на јужниот сосед Грција.
- Промена на името и членство во НАТО -
Преговорите за изнаоѓање решение за спорот околу името меѓу Македонија и Грција траеја долги години, со прекини.
По преговорите со посредство на ОН, во јуни 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор (решавање на прашањето за името и договор за стратешко партнерство). Според Договорот, Македонија го промени името во „Северна Македонија“. За тоа се одржа референдум во септември 2018 година.
На референдумот беше поставено прашањето „Дали сте подготвени за влез во Европската Унија (ЕУ) и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“. Референдумот го бојкотираше опозицијата, при што излезноста на гласањето изнесуваше 36,91 отсто, а својот глас „ДА“ го дадоа 91,46 отсто од гласачите.
По спроведените процеси земјата го смени името во Република Северна Македонија, со што беше решен 25-годишниот проблем со името на државата, кој беше пречка за евроатлантските интеграции на земјата.
Северна Македонија првпат стана кандидат за членство во НАТО на Самитот во Вашингтон во 1999 година. По Договорот од Преспа, Северна Македонија за првпат доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори во јули 2018 година.
Во февруари 2019 година, земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а по процесот на одобрување на овој протокол во парламентите на земјите членки, Северна Македонија стана 30-тата членка на НАТО на 27 март 2020 година.
- Пристапни преговори со ЕУ -
По оставката на поранешниот премиер Зоран Заев од партиската и од премиерската функција во октомври 2021 година, Владата на новоименуваниот премиер Димитар Ковачевски, претседател на партијата на власт, СДСМ (Социјалдемократски сојуз на Македонија), ја доби довербата во Собранието во јануари 2022 година.
Ковачевски во јули минатата година објави дека неговата влада го одобрила францускиот предлог, кој ќе ѝ овозможи на Република Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ). Претходно низ државата со денови се одржуваа протести предводени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Северна Македонија, заедно со Албанија, ги започна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули 2022 година и се одржа првата меѓувладина конференција.
Северна Македонија, која доби статус на „земја кандидат“ во 2005 година, ќе почне да ги отвора поглавјата за членство во ЕУ откако ќе се направат неопходните уставни измени кои произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
- Уставни измени -
Дебатата за уставните измени, кои се предуслов за процесот на членство на земјата во Европската Унија (ЕУ), започна на 18 август 2023 година.
Северна Македонија, која ги започна преговорите за членство со ЕУ со одржувањето на првата меѓувладина конференција минатата година, мора да ги вклучи Бугарите во својот устав.
Северна Македонија не може да отвори поглавје со ЕУ без да ги вклучи Бугарите во Уставот, додека за уставните измени потребно е двотретинско мнозинство од Собранието, односно 80 од вкупно 120 пратеници за да се случи тоа.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето обраќање на собраниската седница, која имаше единствена точка на дневен ред, „Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија“, нагласи дека предлогот е резултат на повеќемесечна целосно отворена, транспарентна, експертска и политичка дебата.
Предлогот за пристапување кон уставни измени предвидува измени во Преамбулата на Уставот и споменување на бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
- Претседавање со ОБСЕ -
На 12 јануари, во главниот град на Австрија, Виена, Северна Македонија го презеде од Полска претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Голема одговорност и чест е да го преземеме претседавањето со ОБСЕ за 2023 година. Нашата цел ќе биде да се фокусираме на принципите на Завршниот акт од Хелсинки во согласност со интересите и потребите на народот“, истакна министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, по повод преземањето на претседавањето со ОБСЕ.