Admir Fazlagic
16 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче соопшти дека се потврдени 5 нови случаи на лица со коронавирус (Ковид-19) со што бројот на лицата со овој вирус во земјата се зголеми на 24, од кои едно лице е излекувано, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имаме пет нови позитивни пациенти (на Ковид-19) и двајца дијагностицирани во друга лабораторија коишто треба да се потврдат утре во наша лабораторија во Институтот за јавно здравје", изјави министерот Филипче на прес-конференција во Владата.
Во однос на петте лица кај кои е потврден коронавирусот, Филипче рече дека позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март.
На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше и за дополнителните мерки против ширење на коронавирусот, кои ги усвоила Владата на Северна Македонија.
„Вечерва Владата одлучи да се затворат сите гранични премини во Република Северна Македонија за премин на странски државјани, патници и возила освен за влез и транзит на товарни возила за претставниците на дипломатскиот кор во земјата, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од главниот Координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие товарни возила или лица ќе влезат во Република Северна Македонија според посебни услови согласно протоколот на Министерство за здравство", рече Филипче.
„Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје, граничниот премин, освен за државни, воено карго медицински хуманитарни и празни летови, по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука", додаде Филипче.
Toj потенцираше и повтори Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија да постапува поинтензивно во однос на проверката на одлуките и решенијата за самоизолацијата и за тоа да го информира и Главниот штаб во Владата и самата Влада.