Admir Fazlagic
09 Ноември 2019•Ажурирај: 10 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Пред точно четири години, на 9 ноември 2015 година, турската Новинска агенција Anadolu Agency (AA) отвори Сервис на македонски јазик, со седиште во Скопје, од каде што се објавуваат вестите и на албански јазик.
Во текот на изминатите четири години, Сервисот на AA на македонски јазик, со објавувањето вести од регионот и од светот, проследени со фотографии и видеосодржини од коресподентите на агенцијата од сите страни на светот, стекна активна улога во македонскиот медиумски простор, вклучително и кај читателите од регионот и пошироко.
Од основањето на Сервисот на АА на македонски јазик досега, објавени се 52.029 вести, 20.069 фотогалерии и 12.482 видеозаписи.
Секојдневно од Канцеларијата на АА во Скопје, за претплатниците и читателите се објавуваат вести, фотографии, видеа, како и инфографика.
Новинската агенција Anadolu Agency (AA) има историја долга скоро 100 години, основана е во 1920 година. АА е меѓу десетте најголеми агенции во светот, која објавува вести на 13 светски јазици. Освен на македонски и албански јазик, се објавуваат вести и на турски, англиски, арапски, персиски, БХС (босански, српски, хрватски), руски, курдски (дијалектите сорани и курманџи), француски, индонезиски и шпански јазик.
АА е меѓу десетте најголеми агенции во светот, која на 13 јазици дневно реализира над 3.000 објави на вести, фотогалерии и видеосодржини.