МОСТАР (AA) – Рушењето на Стариот мост во Мостар на 9 ноември 1993 година беше шокантна вест, која одекна во светската јавност предизвикувајќи огорченост. По 26 години, во градот на Неретва тоа е тема која буди болни сеќавања, но и гордост што мостот со единствена архитектура со помош на целиот свет е обновен и стана симбол на помирувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Сафет Оручевиќ, градоначалник на Мостар за време на војната и потоа, го памети 9 ноември 1993 година како еден од најтажните моменти во историјата на Мостар.
- Го гледале гранатирањето на Стариот мост -
Рушењето, односно гранатирањето на Стариот мост, го гледал со неколку членови на Командата на 4. корпус на Армијата на Босна и Херцеговина од тремот на Мехмед-пашината џамија, која се наоѓа во непосредна близина.
„Ние неколкумина тука бевме скриени, бидејќи снајперот гаѓаше од Хум и не можевме нормално да се движиме. Го гледавме гранатирањето и последниот момент на падот на Стариот мост јас лично не го видов, тоа го виде еден мој пријател во близина, но го слушнавме тој звук и видовме темна вода. Сите почнавме да плачеме од мака, дури, можам да кажам некој бес и инает се појавија во нас. Тој инает беше уште поголем мотив во овој дел на градот. Овој мал дел, парче земја судрена од две страни, требаше по секоја воена логика да падне и него го одбрани само храброста која ја имаа луѓето. Стариот мост и неговото рушење беше еден од последните обиди да се сруши моралот, а всушност е постигнат спротивен ефект. Добивме уште поголем морал и се одбранивме“, раскажува Оручевиќ со огорченост присетувајќи се на тој момент.
Кога дојде моментот на примирје, како што истакнува, Стариот мост е понуден како мост на мирот и заеднички проект во кој беше вклучен целиот свет.
Од момент кој е прогласен за најтешкиот момент во историјата на Мостар, како што истакнува, е создаден момент на мирот. Истакнува дека се држел до изреката на Нелсон Мандела дека со заедничка работа непријателот треба да го претворите во соработник, па сакал да започне изградба на Стариот мост со Хрватите и со целиот свет.
- Заедничка обнова -
„Во еден историски момент ние можевме со Турција да го направиме Стариот мост. Тука дојде тогашниот претседател Демирел и рече дека Турција сака да го направи Стариот мост. Јас реков дека сакам целиот свет да го гради Стариот мост, заедно со УНЕСКО, Светската банка и Градот Мостар и Турција да биде првиот градител. Потоа, таа идеја беше добро прифатена и кај претседателот Демирел и во целиот свет, еден симбол на омраза и разорување да се претвори во еден симбол на мирот и заеднички живот“, вели Оручевиќ.
Стариот мост денес на светот му е познат како таков и нагласува дека е важно сите да го сакаат подеднакво.
„Го сакаат и Хрватите и Србите и сите нормални луѓе, оние кои не го сакаат, тие и треба да го сакаат, тоа се оние кои поддржуваат злосторства, тоа се оние кои биле спремни на најлошите рушења, но такви има сѐ помалку. Тие секако исчезнуваат и од политичката и од која било друга сцена, а ќе останат само оние кои биле за мир и за заеднички живот“, истакнува самоуверено Оручевиќ.
На годишнината од рушењето на Стариот мост, кога му се враќаат сликите и сеќавањата, се чувствува како што вели, како уште да чека некое освестување и дека оние кои ги сториле злосторствата ќе прифатат дека тоа го правеле залудно.
„Полека луѓето комуницираат, луѓето се дружат, имаат пријателства, луѓето склучуваат бракови во градот Мостар од разни националности. Почнува да се враќа животот од пред војната. Верувале или не, се препознаваат истите трендови, всушност, мултиетничкиот живот не може да се уништи“, вели Оручевиќ.
Нагласува дека Стариот мост ги поврзува сите луѓе во светот, а тоа го покажува доаѓањето на милиони туристи, кои се восхитуваат на извонредната архитектура, се фотографираат и го дознаваат значењето на Стариот мост во Мостар, но не затоа што тој е симбол на еден народ, туку затоа што е симбол на целиот свет и затоа што го призна УНЕСКО.
Се присети дека тогашниот директор на УНЕСКО, Федерико Мајро, за време на потпишувањето на договорот за обнова на Стариот мост рекол дека тоа е еден од најголемите проекти кои ги потпишува, а дека се сомнева дека ќе успеат.
„Тој на крајот рече, ова успеа, ние победивме, сите заедно, целиот свет, посебно кога Хрватска прифати градење на мостот, кога тие, како официјална војска која делуваше на рушењето на мостот, дојдоа и заеднички со нас го градеа тој мост“, вели Оручевиќ кој го најдовме на местото од кое во 1993 година го гледал рушењето на Стариот мост. Од истото место, како што истакнува, урнатините на мостот им ги покажувал на високите функционери и со нив испраќал пораки на помирување.
„Тука доаѓаше Демирел (Сулејман Демирел, поранешен претседател на Турција), тука доаѓаше Туѓман (Фрањо Туѓман, поранешен хрватски претседател), беше заедно со претседателот Изетбеговиќ (Алија Изетбеговиќ, тогашен претседател на БиХ), од тука ги испративме првите мировни пораки дека ќе оди Вашингтонскиот договор, дека ќе се помират овие два народа. Сето тоа се случи на местото на кое ние сега стоиме“, појаснува Оручевиќ.
По 26 години од рушењето на симболот на Мостар, кој стана симбол на помирување, потсетува дека самата идеја на мостот и Мостар е повеќекратна.
„Идејата на цела Босна и Херцеговина се прекршува во Мостар, затоа оди споро, бидејќи не е решена уште цела БиХ, онаква каква што треба да биде и каква ние сакаме, и сѐ се прекршува во Мостар.
- Сеќавање на злосторничкиот чин -
Заговарајќи ја идејата за соживот и свртување кон иднината за да на младите генерации им се остават во наследство што подобри услови, новинарот и публицист Златко Сердаровиќ истакнува дека денот на рушењето на Стариот мост мора да се одбележува со потсетување на она што се случило во Мостар, за да нешто такво никогаш не се повтори.
„Загубата на Стариот мост во 1993 година беше неизмерно голема“, истакнува Сердаревиќ, присетувајќи се на денот кога во военото студио на Радио „Мостар“, каде што работел, пристигнала веста дека Стариот мост е срушен.
„Ние тој шок го доживеавме на тој начин што многумина заплакаа, многумина тоа го проголтаа во себе, но во тој момент сите почувствувавме дека губиме и дел од себе“, истакнува Седаревиќ.
Потсетува дека тогаш Стариот мост, пред сѐ, бил симбол, кој и мостарскиот бискуп го има на својот грб, а за да нешто стане симбол, како што нагласува, мора да задоволи многу референци.
Мостар тогаш го загубил својот симбол, а Стариот мост не само што е архитектонски објект, туку и уметничко дело според сѐ, за што сведочат експертите и милионските посети на туристите.
„Едноставно бевме во шок, а тој шок го доживувате така што занемувате. Нема тука зборување, само молчите, едноставно чувствувате дека нема нешто што вам ви е многу блиско. Колони луѓе доаѓаа и гледаа, бидејќи тогаш застана пукањето и можеше да се набљудува таа дупка која настана. Што да кажам, го губите она што го сакате, а сето она што го сакате предизвикува чувство на тага која долго трае“, вели Сердаревиќ.
Веста за рушењето на Стариот мост го погоди и новинарот на „Вечерњи лист“ Зоран Крешиќ, кој во тоа време работел во Радиото „Херцег-Босна“.
- Показател дека животот ја победува смртта -
„Рушењето на Стариот мост за мене беше врв на бесмисленоста на последната војна, една насилна војна во која страдаа бројни семејства и бројни згради и ми се чини дека врв на сето тоа беше токму рушењето на Стариот мост. И покрај тоа што Хашкиот трибунал дури пресуди дека Стариот мост не бил нешто што не можело да се гаѓа и дека бил легитимна воена цел, мислам дека и во тој дел Хашкиот трибунал згреши. Апсолутно беше злосторство она што му се случи на Стариот мост. Неговата обнова и она подоцнежно признавање, кое се случи во рамките на УНЕСКО, е најдобар показател дека животот секогаш ја победува смртта, дека го победува насилството и дека ги победува сите војни“, рече Крешиќ.
Нагласува дека денес Стариот мост, не само во симболичка смисла, туку и во вистинската животна смисла го поврзува Мостар, го прави единствен, не само на подрачјето на регионот на Херцеговина или Босна и Херцеговина, туку и единствена глетка во светот.
Стариот мост кој ги поврзува бреговите на реката Неретва, кога е изграден беше најголема заоблена конструкција на светот. Неговото градење во 1566 година го наредил Сулејман Величенствениот, а го изградил градителот (Мимар) Хајрудин. Срушен е за време на војната во Босна и Херцеговина на 9 ноември 1993 година. Обновата на Стариот мост започна во 2000 година, а во 2004 година реконструираниот мост е отворен. Следната година, Стариот мост стана дел од листата на УНЕСКО за заштита на културни споменици.
news_share_descriptionsubscription_contact
