политика, Балкан

Словенија: Признавањето на Палестина одложено поради предлогот за референдум

Се проценува дека предлогот на СДС најверојатно ќе нема поддршка со оглед на силната мнозинска коалиција во Парламентот

Gorana Jakovljevic  | 04.06.2024 - Обновена : 05.06.2024
Словенија: Признавањето на Палестина одложено поради предлогот за референдум

ЉУБЉАНА (АА) - Плановите на Владата на Словенија да ја признае државата Палестина на 4 јуни се одложени со референдумскиот предлог поднесен од опозициската Словенечка демократска партија (СДС), пренесува Анадолу.

Како што објавија словенечките медиуми, лидерот на СДС, Јанез Јанша, изјави дека владината одлука за признавање на Палестина веќе ѝ нанела долгорочна штета на Словенија „бидејќи ѝ дава поддршка на терористичката организација Хамас“.

Според словенечкиот закон, само Државниот збор (Народното собрание) има овластување да признае независност на држави, а последниот потег значи дека признавањето ќе биде одложено најмалку еден месец бидејќи деловникот предвидува дека пратениците не можат да го разгледуваат предлог-референдумот 30 дена по поднесувањето.

Се проценува дека предлогот на СДС најверојатно ќе нема поддршка со оглед на силната мнозинска коалиција во Парламентот.

Официјални претставници на коалицијата го опишуваат потегот како неискрен.

„Ако некој има искрена намера да се залага за мир, тогаш мора да се залага и за решение со две држави“, изјави министерката за надворешни работи Тања Фајон, додавајќи:

„Кога гледаме повеќе од 36.000 убиени луѓе во Газа, кога гледаме беснеење, крвопролевање и глад, не можам да разберам како словенечкото општество може да прифати одолговлекување.“

Владата на Словенија на седницата на 30 мај донесе одлука да му предложи на Државниот збор признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато палестинското знаме.

Премиерот Роберт Голоб изјави дека одлучиле да ја признаат Палестина како независна и суверена држава во границите од 1967 година предвидени со Резолуцијата на Обединетите нации или во границите за кои инволвираните страни би се договориле во идниот мировен договор.

„Оваа одлука има една порака. Порака до двете страни дека сакаме итен прекин на непријателствата и дека сакаме итно ослободување на заложниците. Ова признание не е насочено против никого, дури ни против Израел. Ова е порака за мир. Веруваме дека денес е момент кога сите ние, целиот свет, мора да дејствуваме само во една насока, во насока што носи траен мир на Блискиот Исток, во насока на решение со две држави“, рече тогаш Голоб.

Владата на Словенија на 9 мај поведе процедура за признавање на државата Палестина. Тогаш најави дека одлуката ќе ја прати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.