Dzihat Aliju
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
ТИРАНА (AA) - Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, изјави дека никогаш нема да дозволат терористичката организација ФЕТО да ги затруе односите меѓу Турција и Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп, во рамките на посетата на Тирана, главниот град на Албанија, имаше средба со неговиот албански колега, Грамоз Ручи.
Подоцна, Шентоп и Ручи претседаваа со меѓуделегацискиот состанок.
Шентоп, зборувајќи на заедничката прес-конференција, ги поздрави новинарите и учесниците обраќајќи им се на албански, истакнувајќи дека ги носи поздравите на 83-милионската Турција и на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој го изрази своето задоволство што по покана на претседателот на албанскиот Парламент, Ручи, со својата делегација е во посета на пријателската и братска Албанија.

Изјавувајќи дека делат длабоко вкоренета историја и богата заедничка култура со Албанија, Шентоп истакна дека двете земји имаа многу заеднички личности како што се на пример Гедик Ахмет Паша кој ја организира експедицијата во Отранто, Седефкар Мехмет Ага од Елбасан - архитектот на Џамијата „Султан Ахмет“, Хоџа Тахсин - основоположникот и ректор на Универзитетот „Истанбул“, Мехмет Акиф Ерсој - творец на националната химна и национален поет, Сами Фрашери (Шемсеттин Сами), кој работел на турската енциклопедија и речник.
Шентоп истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се на одлично ниво и следат ниво кое му прилега на историското пријателство и природното сојузништво, додавајќи дека на состаноците меѓу делегациите разговарале за исклучително корисни прашања, за билатералните односи и за соработката меѓу парламентите во сите аспекти.
Претседателот на турскиот Парламент потсети дека билатералните односи меѓу двете земји се подигнати на ниво на стратешко партнерство за време на официјалната посета на премиерот Рама на Турција во периодот од 6 до 7 јануари.
„Формализацијата на нашето стратешко партнерство ќе ја понесе нашата соработка на многу подобро ниво во секое поле. За време на посетата на почитуваниот премиер Рама, договорена е изградба на регионална болница во Фиер. Од оваа говорница би сакал да го изразам своето задоволство што градежните работи продолжуваат без забавување“, истакна Шентоп.
Потенцирајќи дека на претседателот на албанскиот Парламент, Ручи и на неговата делегација им говорел за обидот за воен удар што терористичката организација ФЕТО го спроведе на 15 јули 2016 година во Турција, Шентоп продолжи со зборовите:
„Терористичката организација ФЕТО, како во многу балкански земји, присутна е и во Албанија. Терористичката организација ФЕТО е организација која не се двоумеше со авиони да го бомбардира Големото национално собрание на Турција за време на седница. Терористичката организација ФЕТО во голема мера е неутрализирана во Турција. Меѓутоа, Турција не е единствената цел на оваа организација која има меѓународен карактер. Терористичката организација ФЕТО ги спроведува своите тајни амбиции криејќи ги своите цели зад невини маски, како што се активности на полето на едукацијата и некои здруженија кои даваат здравствена заштита, студии за медиуми. Таа, исто така, претставува и безбедносна закана за сите земји во кои работи. Би сакал да констатирам дека никогаш нема да дозволиме ФЕТО да ги затруе односите меѓу двете земји.“
Наведувајќи дека економските и трговските односи претставуваат важна димензија на односите меѓу двете земји, Шентоп рече:
„Во моментов, вкупниот обем на трговска размена изнесува околу половина милијарда долари. Како што рече и претседателот на Парламентот, во Албанија имаме инвестиција од над 3,5 милијарди долари, заедно со договорните услуги. Решени сме да го зголемиме обемот на трговија на 1 милијарда долари во следните неколку години. Покрај ова, би сакал да кажам дека имаме желба и намера да ги зголемиме нашите инвестиции во Албанија, особено во туризмот. Потребните дозволи за отворање на нашиот генерален конзулат во Валона се завршени. Се надевам дека ќе профункционира што е можно побрзо. На тој начин, ќе се утврди важна точка којашто ќе придонесе за развојот на туризмот на југот од Албанија.“
Шентоп, кој беше примен од претседателот на Албанија, Илир Мета, ќе има средба и со премиерот Еди Рама.
Претседателот на турскиот Парламент утре ќе го посети градот Скадар на северот од земјата.