Admir Fazlagic
05 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија Оливер Спасовски изјави дека во земјава се води постапка за екстрадиција за 15 припадници на ФЕТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Спасовски денеска присуствуваше на брифингот со дипломатите за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, а по настанот одговараше на новинарски прашања. Спасовски беше прашан во врска со можна екстрадиција на припадниците на ФЕТО.
„Постапките што се однесуваат на екстрадиција на припадниците на ФЕТО организацијата кои што се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија ги води Министерството за правда. Моите информации говорат дека се работи за 15 лица од кои што 2 веќе не се на територија на државата. Меѓутоа подетални информации ќе мора да побарате во Министерството за правда, до каде се постапките и кога би се реализирале”, изјави Спасовски.
Во официјална посета на Република Северна Македонија во средата престојуваше турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар кој имаше заедничка прес-конференција со министерката за одбрана на оваа земја, Радмила Шекеринска.
Акар рече дека постојат одредени структури на терористичката организација ФЕТО во Северна Македонија, како и дека во тој контекст има нови моменти.
„Се надевам дека во наредиот период ќе се направат конкретни мерки за да и двете земји се спасат од оваа терористичка организација, бидејќи им наштетува на односите на двете земји, на некој начин го саботира нашето пријателство и братските односи“, истакна Акар и додаде:
„Имаме имиња на некои од поглавните лица чии имиња се споделени помеѓу институциите на двете земји. Длабоко сум убеден дека во наредните денови институциите во Северна Македонија ќе преземат конкретни мерки и им веруваме на институцииите на земјата.“
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.