Sanela Crnovrsanin
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ соопшти дека Русија на Србија ќе ѝ додели 6 воени авиони, 30 тенка и 30 оклопни воени возила, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Србија кој е во посета на Русија, по средбата со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави: „Русија на Србија ќе ѝ додели 6 воени авиони од типот МИГ-29, 30 тенка од типот Т72С и 30 оклопни воени возила“.
Премиерот на Србија, Вучиќ потсети дека авионите што Србија ќе ги добие се користени, и додаде дека модернизацијата на овие авиони ќе чини од 180 до 230 милиони евра.
Во врска со авионите, Вучиќ изјави: „Кога би купиле вакви авиони, со ракетно вооружување какво што сакаме, тогаш тоа би нѐ чинело околу 600 милиони евра“, објаснувајќи ја големината на дарот што Русија ѝ го дава на Србија.
Вучиќ посочи дека со овие грантови, српската војска ќе има зголемена функционалност и додаде: „Ова е голема промена. Неспоредлива е со претходната состојба. Добивме подарок од 30 тенка Т72С и 30 воени оклопни возила."
Премиерот на Србија, Вучиќ изјави дека до утре се очекува да биде потпишан протоколот за доделување на авионите на српската армија, по што авионите би можеле да пристигнат во Србија во март следната година, или пак најдоцна до ноември.
Тој истакна дека со ова уште повеќе се зацврстиле извонредните односи со Русија и во врска со дадената помош рече: „Ова се нешта што ги сонуваме десетици години“.
Премиерот Вучиќ истакна дека од воен аспект ќе продолжат да зазамаат еден независен став: „Како што и претходно рековме во Брисел и во Вашингтон, ние сме земја што не зазема страна. По ова прашање нема никакви промени“.
Рускиот министер за одбрана Шојгу истакна дека се подготвени со Србија да ја зајакнат соработката и на полето на воената обука.
Од друга страна, на оваа тема своето гледиште го изнесе и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој истакна дека одлуката за модернизацијата на армијата може да биде погрешно протолкувана однадвор.
„Ние не се подготвуваме за војна, туку се подготвуваме за одржување на мирот. Кога Хрватска се вооружуваше, зборуваа дека Хрватска никому не му се заканува. Сега Србија ќе биде посочена како закана за некого. Кога Хрватска купува хеликоптери, таа се подготвува за зачувување на мирот. Зарем ние се подготвуваме за војна?” рече Дачиќ.