Zylfije Adem Jakupi
14 Октомври 2020•Ажурирано: 15 Октомври 2020
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател, Хашим Тачи, го прими денес специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина и за другите регионални прашања од Западниот Балкан, Мирослав Лајчак, со кој разговараше за пронаоѓањето можности за постигнување договор за меѓусебно признавање на Косово и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата, претседателот Тачи рече дека разговорот со Лајчак бил конструктивен и дека тој силно верува оти иднината на Косово е во НАТО и Европската Унија.
„Можам да заклучам дека нашиот разговор и средбата воопшто беше фер, конструктивна, отворена и пријателска, во насока на изнаоѓање можности за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија, што би значело меѓусебно признавање на двете независни и суверени држави и со можност Косово да стане членка на Обединетите нации“, рече Тачи.
Косовскиот претседател ги повтори критиките кон ЕУ за долгото одложување на визната либерализација за косовските граѓани, иако Косово ги исполни сите критериуми.
Според него, дијалогот со Србија не смее да се врати на техничко ниво.
„Цврсто верувам дека дојде време ЕУ, од она што го гледам и што во моментот е единствена во пружањето поддршка на Лајчак, да ја стави на маса можноста за разговори за меѓусебно признавање и тоа треба да биде првата точка од договорот. Потоа, другите прашања стануваат полесни, а не да започнуваме или продолжуваме со технички прашања за кои разговаравме и преговаравме веќе 10 години во Брисел. Во секој случај, сакам да верувам дека само заемно признавање со стандардите утврдени во рамките на можен договор што може да се постигне, може да биде добра можност што гарантира стабилност во регионот, добрососедство и европска иднина на Косово и Србија“, рече Тачи.
Тој истакна дека за истите теми со Лајчак разговарале пред неколку дена во Брисел, потоа и во Вашингтон со високите американски претставници, како и завчера во Париз, и оцени дека ја видел нивната голема координација.
Денеска специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Лајчак, ќе се сретне индивидуално и со лидерите на политичките партии, а вчера разговараше со премиерот Авдулах Хоти и со претседателката на Собранието, Вјоса Османи. Теми на разговорите се постигнатиот напредок од продолжувањето на дијалогот под покровителство на ЕУ во јули и следните чекори во преговорите за сеопфатен договор.