Admir Fazlagic
21 Мај 2020•Ажурирано: 21 Мај 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со Албин Курти, вршител на должноста премиер на Владата на Република Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, во разговорот, кој беше на барање на косовската страна, двајцата соговорници разменија мислења и информации поврзани со билатералните односи меѓу двете соседни земји, како и со актуелните политички состојби во регионот на Западен Балкан.
„Соговорниците исто така разговараа и за пандемијата на Ковид-19, мерките кои се преземаат во двете земји за заштитата од коронавирусот и справувањето со последиците од пандемијата. Во таа насока беше заклучено дека од големо значење е соработката меѓу земјите на билатерална и регионална основа, како и поддршката која Европската Унија ја пружа на регионот, со цел закрепнување од кризата, не само на здравствен, туку и на економски план“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.