Турција, економија, Балкан

Туркије и Србија денес потпишаа 11 договори за соработка во различни области

Меѓу Србија и Туркије беа потпишани 11 договори, со кои се зајакнува соработката во различни области, од трговија до управување со катастрофи

Muhammed Yasin Güngör, Mustafa Talha Öztürk  | 11.10.2024 - Обновена : 11.10.2024
Туркије и Србија денес потпишаа 11 договори за соработка во различни области

БЕЛГРАД (АА) - Денес во претседателската палата на Србија беше одржана церемонија за потпишување на договори за соработка меѓу Туркије и Србија, на која присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот српски колега Александар Вучиќ, јавува Анадолу.

Меѓу Србија и Туркије беа потпишани 11 договори, со кои се зајакнува соработката во различни области, од трговија до управување со катастрофи.

Во областа за управување со катастрофи, раководителот за управување со катастрофи и вонредни состојби во Туркије, Океј Мемиш, и српскиот вицепремиер Ивица Дачиќ потпишаа договор за подобрување на координацијата.

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, и српскиот министер за труд Немања Старовиќ потпишаа договор за соработка во областа на трудот и социјалната безбедност.

Турскиот министер за индустрија, Мехмет Фатих Каџир, и српската министерка за економија Адријана Месаровиќ потпишаа договор за зајакнување на индустриската соработка, со што ќе ги зајакнат економските односи.

Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, и неговата српска колешка Дубравка Хандановиќ потпишаа договор за соработка во областа на енергетиката.

Турскиот министер за трговија, Омер Болат, заедно со српскиот министер за трговија Томислав Момировиќ го потпишаа обновениот договор за слободна трговија, рафинирајќи ја дефиницијата за „производи со потекло“ која стои во договорот.

Турскиот министер за млади и спорт, Осман Ашкин Бак, и српскиот министер за спорт Зоран Гајиќ потпишаа меморандум за разбирање во областа на спортот, додека Бак потпиша и договор за соработка во областа за млади заедно со министерот за млади на Србија, Хусеин Мемиќ.

Директорот за комуникации при турското претседателство, Фахретин Алтун, и српскиот министер за телекомуникации, Дејан Ристиќ, потпишаа договор за медиумска соработка, додека договор за збратимен град беше потпишан меѓу градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, и градоначалничката на Газиантеп во југоисточна Туркије, Фатма Шахин.

Исто така, потпишан е и договор за соработка меѓу двата државни архива.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.