Dzihat Aliju
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадата на Република Турција во Скопје приреди прием по повод 30 Август – Денот на победата во Турција и Денот на Турските вооружени сили, јавува Anadolu Agency (AA).
На овој прием беа присутни премиерот на Македонија, Зоран Заев, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, министерот за култура, Асаф Адеми, министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, поглаварот на Исламската верска заедница на Македонија (ИВЗ), Сулејман Реџепи, пратеници, градоначалници, дипломати, претставници на турските институции и организации во земјата, како и голем број поканети гости.
Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, во своето обраќање пред присутните истакна дека 30 август има историско значење за Турција.

Кара укажа на важноста од одбележувањето на овој ден во Македонија, каде што се наоѓа и Воената школа во Битола во која студирале истакнати личности кои им дале насока на историјата и иднината на Турција, а пред сè, Мустафа Кемал Ататурк.
„Пријателството и солидарноста меѓу Турција и Македонија кои имаат вкоренето минато, претставува пример за целиот свет. За нас Македонија е близок пријател, како и веродостоен партнер во регионот. Нашите сонародници се најзначајниот елемент на нераскинливата врска меѓу двете земји. Заштитата на единството на нашите сонародници дава голем придонес во историското пријателство меѓу двете земји. Нашата земја досега ја поддржа и ќе продолжи да ја поддржува Македонија која се наоѓа во еден период на пресвртница. Во овие рамки, уште еднаш сакам да ја подвлечам нашата желба за Македонија да го заземе заслуженото место на Балканот и во евроатлантското семејство, како една просперитетна и стабилна земја, и вложуваме напор во оваа насока“, нагласи Кара.
Амбасадорката Кара раскажа дека турскиот народ во текот на историјата бил изложен на бројни испитувања, кои според неа, сите успешно ги поминал. Таа додаде дека турскиот народ на 15 јули 2016 година, жртвувајќи го и својот живот, го спречи обидот за државен удар.
Кара рече дека со поддршка на своите пријатели, Турција со одлучност и остроумност ќе ја продолжи својата борба против тероризмот. „Во овие рамки, Македонија која е наш историски пријател, нуди целосна поддршка за нашата земја“, додаде таа.
Амбасадорката Кара на крајот од своето обраќање ја прочита пораката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод 30 Август – Денот на победата во Турција и Денот на Турските вооружени сили, испратена до претставништвата во странство.