Abdula Berısha
30 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, денеска го посети медицинскиот тим на Меѓународниот аеродром во Скопје, каде што патниците од Дубаи беа скенирани со термокамери, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во изјава за медиумите, министерот Филипче рече дека како мерка на претпазливост, за да се спречи проширувањето на новиот коронавирус што се појави во Кина, покрај патниците што доаѓаат од Дубаи, се скенираат и патниците од Истанбул.
Тој истакна дека од појавувањето на вирусот, ниту еден патник не допатувал од Кина во Северна Македонија, но, како што рече, скенирањето со термокамера се спроведува со цел откривање патници кои можеби биле во контакт со заразени лица.
„Веќе трети, четврти ден откако се прави овој скрининг. Морам да кажам дека се обезбедивме од неколку страни. Имаме секојдневна комуникација со Управата за цивилно воздухопловство којашто има директен линк со авиокомпаниите и ни укажуваат однапред дали на овие летови што доаѓаат од овие две дестинации, можеме да очекуваме патници што доаѓаат од Кина. Такви патници засега во нашата земја не се дојдени, ниту пак има на овој лет кој сега стигнува од Дубаи“, рече Филипче.
Министерот за здравство исто така рече дека институциите се подготвени и информирани за тоа како да постапат доколку се појави сомнителен патник.
Заедно со министерот Филипче беше и директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Арбен Зибери, кој рече дека од неделата биле скенирани над 2.000 патници и не се појавил случаи на симптоми.
Инаку, бројот на починати како последица на новооткриениот коронавирус во Кина е зголемен на 170, а над 7.000 лица се заразени. Исто така, повеќе од 60.000 лица се под медицински надзор.
Коронавирусот се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, административниот центар на провинцијата Хубеи, и оттогаш градот е блокиран, во обид да се спречи ширењето на вирусот.
Покрај Кина, случаи на заразени со вирусот се забележани и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Германија, Виетнам и Канада.