Seyyid Emin
31 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Турски, албански и бошњачки невладини организации што работат во Република Северна Македонија организираа „Кермес за братство и солидарност“ за поддршка на семејствата погодени од земјотресот во Елазиг, Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните покажаа голем интерес за кермесот што се одржа пред џамијата „Мурат-паша“ во Старата скопска чаршија.
Лејла Шериф Емин, од Управниот одбор на Здружението за култура, уметност и образование „Мост“ (Köprü), во изјавата за медиумите рече дека на кермесот учествувале голем број невладини организации, ученици, хуманитарци и пријатели на Турција.
„Размислувавме за тоа како може да им помогнеме на погодените во земјотресот во Елазиг. Секако таму не можеме да ги послужиме со една чинија топла супа, но се одлучивме таа топла супа да ја поделиме тука во Скопје, а приходите што ќе ги заработиме да ги испратиме во Турција. Дали Турција има потреба од ваква помош? Секако дека нема. Турција е многу моќна земја, но ние сме браќа. Тоа не треба да се заборави. Тоа братство сакаме да го покажеме од тука. Затоа што Турција секогаш беше со нас“, нагласи Лејла Емин.
Фатиме Сали, како претставничка на здруженијата „Визион М“ и „Парими“, истакнувајќи дека се собрале како волонтери од здруженијата, рече: „Храната беше подготвена дома. Парите што ќе бидат собрани тука ќе бидат испратени на луѓето погодени од земјотресот во Турција. Ние со ова ја даваме пораката дека треба да сме заедно и да бидеме моќни.“
Фериде Фејзула, претставничка од џамијата „Хатунџук“, рече: „Ние сме тука да се придружиме на овој прекрасен гест, а исто така и за единство и солидарност. Помагаме колку што можеме.“
На кермесот се продаваа супи, ќофтиња, домашни колачиња, други десерти и разни видови салати и храна.
Наведено е дека приходот од добротворната организација ќе биде дониран на Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАД).