Admir Fazlagic
16 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори и субјекти во 23 часот, се дел од дополнителниот пакет рестриктивни мерки кој ќе биде предложен до Владата на Северна Македонија доколку и во наредните денови расте бројот на инфицирани со коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова го соопшти денеска министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче кој одржа прес-конференција на која информираше за темите на разговор на утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести.
Во однос на последните податоци за епидемиолошката сосојба во земјата и регионот, Филипче рече дека е евидентно оти насекаде во регионот се зголемуваат новодијагностицираните случаи на Ковид-19, како и дека ова е нешто што сите го очекувале со оглед на најавениот есенски бран на Ковид-19.
Поради таквата состојба, како што рече Филипче, во сите земји во регионот и во Европа, се воведуваат рестриктивни мерки.
„Еден пакет рестриктивни мерки до Владата е веќе предложен и согласно важечките уредби со законска сила потребно е да се направат тие законски измени. Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа за да оној предложен пакет за задолжително носење маски на отворено,забрана за групирање после 22 и забрана за домашни посети, веќе стапат на сила и да можат инсепкторите и МВР можат да да постапуваат во контрола и санкции", изјави Филипче.
Тој додаде дека утрово разговарале и за дополнителен пакет рестриктивни мерки којшто после евалуацијата на ситуацијата во следните денови и викедндот доколку има потреба до Владата ќе биде предложен овој пакет на мерки в понеделник.
„Тоа би вклучувало прво ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти , како што беше претходно, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори и субјекти во 23 часот. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаите овој пакет на мерки заедно со овој следен којшто треба да помине во Собрание, сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот", истакна Филипче.
Епидемиологот Жарко Караџоски на прес-кофнеренцијата рече дека анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена кога е регистриран драстично зголемен број позитивни лица на Ковид-19 укажува дека одредени настани како групни собрири и концерти, коишто се случиле во изминатите денови се лавниот промотор на новиот број на случаи.
„Она што постојано го кажуваме како препоракае држење дистанца од два метри, носење на заштитна маска и дезинфекција. Очигледно во периодот што е позади нас тоа не се почитуваше. Тоа е факт", рече Караџоски.
Потсетуваме, според последниот извештај на Министерството за здравство, во земјата во едно деноноќие се регистрирани 535 случаи на Ковид-19, што е рекорден број на регистрирани случаи на овој вирус за еден ден во Северна Македонија.
Вкупната бројка на регистрирани случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 22.170, додека вкупната бројка на починати од овој вирус се искачи на 815. Во моментов, бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 4.597.