Andelija Stojkovic
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
БЕЛГРАД (АА) - Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, денес во Белград оцени дека создавањето единствени економски зони на Западниот Балкан е одлична идеја, која покажува потреба за регионална соработка, јавува Anadolu Agency (АА).
Тој изјави дека регионот треба да оди чекор понатаму во европските интеграции, а создавањето единствен пазар во којшто би учествувале некогашните земји на СФРЈ, Албанија и Косово, претставува подготовка на регионот за ЕУ. Хан изјави дека 20 милиони лица се многу атрактивен пазар за инвестиции, кој би можел да создаде дополнителна вредност за робата и услугите, повеќе работни места и повеќе инвестиции.
„Денес регионот е фрагментиран и помалку привлечен за инвестиции. Ако создадеме единствен пазар, регионот ќе биде попривлечен, а тоа значи повеќе работни места, поголема отпорност на предизвици“, изјави Хан на прес-конференцијата по состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Комесарот исто така изјави дека регионот има голем број можности коишто мора да ги искористи, но европската перспектива нема алтернатива и оти според истражувањата, граѓаните од регионот имаат потреба и интерес да бидат дел од ЕУ.
„Обичните граѓани сакаат да видат просперитет, мир и стабилност, а тоа може да се постигне само во ЕУ. Разумен политичар мора да разбере кои се интересите на граѓаните“, изјави Хан и додаде дека Србија многу напредувала и оти се надева дека наскоро ќе се отворат уште две преговарачки поглавја во преговорите за членство во ЕУ.
Тој оцени и дека Србија има клучна улога во регионот поради тоа што е најголема земја, но и поради тоа носи голема одговорност.
Запрашан за „Маршаловиот план“ на ЕУ за Западниот Балкан, Хан изјави дека тој план покажува „посветеност на земјите-членки, особено на Германија, за понатамошни инвестиции и понатамошен ангажман во регион“, а не замена за членството во ЕУ.
Вучиќ изјави дека создавањето единствени економски зони на Балканот е потребно за да има повеќе инвеститори во регионот.
„Ние сме сите мали во регионот на Западен Балкан. Доколку успееме да формираме единствен пазар, тоа би значело повеќе инвеститори за сите нас во регионот. Тогаш мислам дека би можеле да добиеме повеќе отколку што имаме денес“, изјави Вучиќ и додаде дека ќе ги замоли лидерите да ја разгледаат таа идеја, иако е сигурен дека ќе бидат скептични како со секоја нова идеја.
Тој му се заблагодари на Хан за препораката за отворање на поглавјето, но и за поддршката за создавање мир и стабилност во регионот, за кои рече дека се клучни за економскиот напредок на Србија.
„Проблем се зачестените и неодговорни изјави, кои честопати се и заканувачки, но ние мораме да се потрудиме да одговараме со мирен тон. Наша цел е да имаме економски раст, а не нашата суета да ја покажуваме така што од некого сме поголеми и посилни“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека целта на Србија е да помогне во регионот не мешајќи се во внатрешните прашања, како и да ги зачува добрите односи со Србите и со Бошњаците во БиХ.
Запрашан за заканувачките изјави на политичарите од Косово, Хан изјави дека не сака да ги коментира бидејќи тие се дел од изборната кампања во Косово, додека Вучиќ изјави дека тој не мисли така, туку дека е загрижен.
„Ситуацијата во Косово беше една од главните теми за нас. Луѓето во регионот сакаат мир и стабилност. Нас нѐ загрижува фактот што најтешките можни изјави, кои претставуваат и директни закани по опстанокот на српскиот народ, не се соочуваат со осуда“, изјави Вучиќ.