Besar Ademi
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
ДРАЧ (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е домаќин на неформалниот состанок на кој присуствуваат шефовите на владите на земјите од Западен Балкан, и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, на заедничката прес-конфереција истакнаа дека за време на последните десет години извозот од земјите од Западен Балкан во земјите на ЕУ е зголемен, но трговијата меѓу земјите во регионот е иста како и пред десет години, јавува Anadolu Agency (AA).
Еврокомесарот Хан го истакна своето задоволство што има можност да учествува на денешниот неформален состанок на којшто присуствуваат лидерите на шесте земји од Западен Балкан, истакнувајќи дека фокусот на разговорите биле европските перспективи на земјите, како и имплементацијата на договореното од Трст.
„Клучен приоритет за земјите од регионот е создавањето регионална економска зона која ќе го поттикне економскиот раст и ќе создаде нови работни местa”, изјави денес еврокомесарот за соседна политика и проширување Јоханес Хан на неформалниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан што се одржува во Драч.
Според неговите зборови, регоналната економска интеграција не треба да се гледа како алтернатива за членство на земјите од регионот во ЕУ, туку, како што рече, тоа претставува корисно надополнување во интерес на сите.
Од друга страна, премиерот на Албанија, Рама се осврна на загубите од царините и административните трошоци при меѓусебната трговија на земјите од регионот, и истакна дека пазарите на Западниот Балкан се мали, со мали економии, и додаде: „ Доколку овие земји се обединат, тогаш можеме да бидеме поважни“.
Рама во врска со темите дискутирани на денешниот неформален состанок, рече дека претставниците на меѓународната заедница се гости, што, според него, покажува дека Западен Балкан сега е зрел, и нема потреба од мониторирање.
Сепак, тој упати благодарност до меѓународната заедница која продолжува да ги поддржува евро-атлантските аспирации на земјите од Западен Балкан.
На состанокот учествуваат премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, премиерот на Косово, Иса Мустафа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама, којшто е домаќин на оваа средба.
Исто така, на неформалната средба присуствува и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан и Кирил Мулер, заменик-претседател на Светската банка за Европа и централна Азија.
На маргините на состанокот ќе се одржат различни работни сесии, на коишто ќе се дискутира за теми како трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија.
Меѓудругото, се очекува шефовите на владите на земјите од Западен Балкан да дискутираат и да гарантираат максимално ангажирање на високо ниво, во насока на спроведување на Акцискиот план за регионалната економска зона што беше договорено на Самитот во Трст во Италија.
Според претходно најавеното, досегашните резултати на Берлинскиот процес и идните перспективи за регионалната соработка на Западен Балкан се една од темите за дискусија на денешниот собир.