Admir Fazlagic
26 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
ДРАЧ (АА) – Во градот Драч во Албанија започна неформалната средба на премиерите од Западен Балкан, во организација на премиерот на Албанија Еди Рама, јавува Anadolu Agency (AA).
Темата на овој неформален состанок, на кој учествуваат шефовите на владите на земјите од регионот, е продлабочувањето на регионалната интеграција, со фокус на интеграцијата и трговијата.
На состанокот учествуваат премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, премиерот на Косово, Иса Мустафа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина (БиХ), Денис Звиздиќ, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, како и премиерот на Албанија Еди Рама, којшто е домаќин на оваа средба.
Исто така, на неформалната средба ќе присуствува и европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан и Кирил Мулер, заменик-претседател на Светската банка за Европа и централна Азија.
На маргините на состанокот ќе се одржат различни работни сесии, на коишто ќе се дискутира за теми како трговијата, услугите, инвестициите и дигиталната економија.
Меѓудругото, се очекува шефовите на владите на земјите од Западен Балкан да дискутираат и да гарантираат максимално ангажирање на високо ниво, во насока на спроведување на Акцискиот план за регионалната економска зона што беше договорено на Самитот во Трст во Италија.
Според претходно најавеното, досегашните резултати на Берлинскиот процес и идните перспективи за регионалната соработка на Западен Балкан ќе бидат една од темите за дискусија на денешниот собир.