Gorana Jakovljevic
31 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
ШИБЕНИК
Машко лице за кое се сомнева дека извршило четири убиства во Шибеник и Водици во Хрватска пронајдено е мртво покрај автомобил на подрачјето на Водици, потврди синоќа портпаролот на Полициската управа на Шибеничко-книнската жупанија, Симе Павиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Полициската управа на Шибеничко-книнската жупанија претходно во текот на денот е соопштено дека добиле две дојави за пронаоѓање на четири мртви лица на две локации.
Павиќ рече дека осомничениот е пронајден недалеку од автомобилот по кој во текот на денот трагала полицијата и дека постоел одреден деловен однос помеѓу осомничениот и убиените, но дека истрагата ќе утврди за каков однос се работело и дали тоа е причина за кривичното дело.
Коментирајќи ја вознемиреноста на граѓаните поради денешните рафални истрели, Павиќ рече дека полицијата веднаш по дојавата презела контрола, поставила пунктови на влезовите и излезите од Шибеник и порача дека граѓаните треба да останат мирни.
Од Полициската управа на Шибеничко-книнската жупанија соопштено е дека вчера напладне добиле дојава дека во Водици, во возило покрај патот е пронајдено мртво машко лице. Во 13:23 часот полицијата примила втора дојава од Итната медицинска помош за пронаоѓање на три мртви лица, две машки лица и жена, во еден објект на Јужната магистрала.