Furkan Abdula
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
РАДОВИШ (АА) - Турската Црвена полумесечина даруваше облека за жителита на селото Бучим, сместено во подрачјето на градот Радовиш, југоисточна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соработка на Црвената полумесечина од Турција и Црвениот крст на Македонија, организирана е церемонија на која заменик-претседателот на Црвената полумесечина на Турција, Исмаил Хаки Турунч и државниот секретар на Министерството за образование и наука, Енвер Хусеин, му поделија облека на населението. На церемонијата учествуваа и претставници од регионот и голем број невладини организации и здруженија од Турција.

Заменик-претседателот на Црвената полумесечина на Турција, Турунч, за АА изјави дека Црвената полумесечина веќе 150 години е најголемо движење за добрина во светот.
Турунч, истакнувајќи дека Црвената полумесечина успеала да ги задоволи потребите на сиромашните и во најоддалечените места во светот, продолжи со зборовите „Денеска дојдовме во селото Бучим, сместено во околината на градот Радовиш во Македонија. Во камионот што го имавме испратено претходно, имаше повеќе од 6.000 различни предмети на облека, како што се обувки, маици, панталони, џемпери, јакни. Тие беа поделени во пакети според возраста.“

„Тука организацијата ја спроведовме заедно со Црвениот крст на Македонија. Во ова село поделивме околу 2.000 парчиња облека. Беа посетени сите семејства во селото“, нагласи Турунч.
Подвлекувајќи дека Бучим е село во кое во целост живее население од турската популација, Турунч истакна дека Црвената полумесечина на Турција секогаш е подготвена да помогне онаму каде што тоа е најпотребно.
Ванчо Коцев, претседател на општинската организација на Црвениот крст на Радовиш, изјави дека благодарение на соработката со Црвената полумесечина, денеска се поделени поголем број пакети со облека.

Во своето обраќање, Коцев истакна „Денеска имавме една исклучително добра средба со нашите добри пријатели од турската Црвена полумесечина со кои имаме долгогодишна соработка. Во името на Црвениот крст на Република Македонија и во име на нашата општинска организација на Црвениот крст, упатуваме голема благодарност до нашите пријатели, нашите колеги од Црвената полумесечина на Турција.“
Во име на повеќе организации од Турција кои беа дел од делегацијата на Црвената полумесечина што пристигна во Македонија, свое обраќање имаше Орхан Сипахи, претседател на Здружението на гостиварчани во Турција, кој рече „Оваа помош ќе има продолжение. Во тоа од срце се надеваме, бидејќи нас тука нѐ донесе турската Црвена полумесечина, за која веруваме дека овие простори нема да ги занемари. Во име на сите здруженија, ѝ се заблагодарувам на Црвената полумесечина на Турција за убавите чувства што ги побуди во нас.“