Husamedin Gina
11 Мај 2021•Ажурирај: 12 Мај 2021
СКОПЈЕ
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, истакнувајќи дека Чешка и Северна Македонија ја делат визијата за стабилен Балкан, рече дека рецептот за тоа е и почетокот на преговори со Европската Унија за Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар, денеска престојува во официјална посета на Северна Македонија.
Министерот Метнар беше пречекан од министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, со највисоки државни и воени почести, на платото пред Министерството за одбрана.
По тет-а-тет средбата на двајцата министри и средбата на македонската и чешката делегација, беше одржана заедничка прес-конференција.
Шекеринска, истакнувајќи дека во изминатите три години имале многу интензивна одбранбена соработка со Чешка, рече дека таа соработка се одвивала особено во делот на службите за безбедност и разузнавање.
Наведувајќи дека на денешната средба е разговарано и за членството на Северна Македонија во НАТО, што е реализирано со помошта на Чешка, Шекеринска рече дека втората стратешка цел на земјата е почетокот на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Чешка и Северна Македонија ја делат визијата за стабилен Балкан. Ако сакаме да развиваме стабилен Балкан, рецептот е и почеток на преговори со Европската Унија за Северна Македонија“, нагласи министерката Шекеринска.
Меѓу другото, министерката Шекеринска ја истакна големата благодарност за континуираната јавна, јасна и многу директна поддршка на Чешка минатата година, во поглед на членството во Европската Унија.
На прес-конференцијата, министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар, истакнувајќи дека Северна Македонија е многу значаен партнер за Чешка, рече дека Западниот Балкан претставува долготраен надворешен политички приоритет за Чешка.
Метнар, нагласувајќи го своето уверување дека членството на Северна Македонија во Алијансата ќе ја зајакне стабилноста во целиот регион, додаде дека Чешка одлучно го поддржува влезот на Северна Македонија во Европската Унија.
На новинарско прашање за можното одвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на ЕУ-интеграцијата, министерот Метнар, нагласувајќи дека Чешката Република ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија, рече дека не ги споделува идеите за историската позиција на Бугарија.
„Чешката Република го поддржува влезот на Северна Македонија во ЕУ, би сакале секако овој процес да има побрзо темпо. Со г-ѓата министерка зборувавме дека со оглед на историските последици понудив помош во комуникацијата и доколку има интерес би можеле да ѝ помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Јас би можел да кажам дека ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделувам идеите за историската позиција на Бугарија“, рече Метнар.
Одговарајќи на истото прашање, министерката за одбрана, Шекеринска, истакна дека отсуството на политичка влада со целосен капацитет во Бугарија е фактор што ќе влијае на процесите, но нагласи дека тоа не треба да влијае на нашиот ангажман за постигнување на целта.
Во рамките на официјалната посета на министерот за одбрана на Чешката Република денес беше потпишан и Меморандум за разбирање за техничка соработка меѓу министерствата за одбрана и за внатрешни работи на Северна Македонија и Министерството за одбрана на Чешка.