Admir Fazlagic
05 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации за политички прашања, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од Собранието на Република Македонија, Џафери на средбата истакнал дека Република Македонија како членка на ОН од 1993 година, активно придонесува во сите нејзини агенции и програми.
„Земјата останува посветена на заложбите за почитување на обврските кои произлегуваат од членството во доменот на човековите права, непролиферацијата на оружје, борбата против тероризмот, климатските промени и имплементацијата на милениумските развојни цели, но и за поддршка на мировните мисии на Организацијата во Либан – UNIFIL", се вели во соопштението.
Се наведува дека претседателот на Собранието, Џафери ги информирал присутните дека Собранието на Република Македонија на 22 декември 2017 година ја ратификувала Истанбулска конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, со што се овозможува имплементирање на обврските од Конвенцијата во пракса.
Од Собранието информираат дека во однос на евроинтеграциските процеси, претседателот Џафери ја нагласил посветеноста на Владата и Собранието за спроведување на предвидените реформи. Особено, активностите од Планот 3-6-9, чекорите преземени во однос на подобрување на добрососедските односи преку потпишување и ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и мерките за градење доверба и изнаоѓањето заемно прифатливо решение за спорот со Грција.
„По преземените чекори, неспорно е очекувањето за добивање позитивен извештај со безусловна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ и констатирање на членството на земјата во НАТО оваа година", се истакнува во соопштението на Собранието.
Меѓу другото, се наведува дека Јенча му честитал на претседателот Џафери за лидерството во смирувањето на ситуацијата во Собранието и за спроведувањето на неопходните реформи за кои Обединетите нации ја покажуваат својата солидарност и ги поддржуваат напорите за европска иднина на сите граѓани на земјата.
„Притоа, тој го потенцираше фактот дека Амбасадорката Винтон и нејзиниот тим во земјата се на располагање за помош при спроведувањето на овие реформи. Јенча се заблагодари за учеството на Република Македонија во мировните мисии, кое иако мало по бројност, ја демонстрира решеноста на земјата за поддршка на активностите на Обединетите нации", стои во соопштението.
- „Обединетите нации ќе ги поддржат сите напори за двете страни да се изнајде решение за прашањето за името"
Исто така, како што се соопштува, на средбата помеѓу Џафери и Јанча се разговарало и за спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, за што Јенча истакнал дека ОН ќе ги поддржат напорите на двете страни за изнаоѓање на решавање на спорот околу името.
„Во однос на прашањето за името, тој констатираше дека ова е вистинскиот моментум и Обединетите нации и нејзиниот генерален секретар ќе ги поддржат сите напори за двете страни да направат исчекор напред и да се изнајде решение кое ќе има придонес не само во билатералните односи меѓу двете земји, туку и пошироко за стабилноста на регионот", информираат од Собранието на Македонија.
Јенча го потенцирал значењето за градење консензус во државата околу стратешките цели на Македонија, како што е членството во НАТО и Европската Унија.
На средбатата, присуствувала и амбасадорката Луиза Винтон, резидентен координатор на Обединетите нации (ОН) и резидентен претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).