САРАЕВО (AA) - Алмир Терзиќ
„Перспективата на сите земји на Западниот Балкан е во НАТО. Ние сме дел од Европа, сакаме да станеме дел од европските институции“, порача во интервју за Anadolu Agency (AA) Шефик Џаферовиќ, членот на Претседателството на БиХ од редот на бошњачкиот народ.
Во интервјуто, Џаферовиќ истакна дека првите чекори на неговото делување во Претседателството на Босна и Херцеговина и фокусот на целокупната работа на колективниот шеф на државата ќе бидат насочени кон она што ѝ е потребно на БиХ, а тоа се стабилност, економски развој и интеграција.
„Тоа се три големи области на кои имам намера веднаш, на самиот почеток, да работам. Работењето на политичката стабилност, на конструктивна, позитивна политичка клима во земјата е неопходна. Бидејќи, доколку сакате да правите исчекори напред тогаш треба со своето однесување, со својот начин на работа, со својот однос кон државата да ја произведувате таа политичка клима“, истакна Џаферовиќ.
Тој нагласи дека без позитивна политичка клима не е можно да се прават исчекори напред.
„Досега, за жал, посебно во овој, сè уште актуелен мандат, имаше доста обиди за деструкција, удари на институциите на БиХ, закани кон нејзиниот интегритет, барања за дополнителни поделби... Сето тоа предизвика нестабилност во нашата земја и негативна реторика, и тоа само по себе се одразуваше и на меѓународната позиција и на имиџот на БиХ во светот“, смета Џаферовиќ.
- „Деструктивната политика не му служи на српскиот народ ниту на Република Српска“ -
Првин, како што наведе, треба да се тргне од колективниот шеф на државата - Претседателството на БиХ.
„Ние сме луѓето што се најодговорни за сите работи во државата, па меѓу другото и за ова многу, многу важно прашање - имиџот на БиХ. Доколку тие работи се направат, а јас имам намера да работам на тоа, тие работи да се постават на вистински начин, сето останато ќе оди поедноставно. Претседателството на БиХ како колективен шеф на државата може да испрати јасен сигнал до сите надлежни авторитети на различните нивоа на власта во БиХ како треба да се однесуваат. Сакам да верувам дека тоа ќе биде ставот на комплетното Претседателство на БиХ. Бидејќи, мислам дека и оние кои досега се обидувале да прават деструкции кон БиХ, сфатија дека на БиХ ништо не ѝ наштетија, БиХ не ја загрозија. Се загрозија само себеси, завршија на разни листи, на пример на американските црни листи, и се под постојани предупредувања од Европската комисија“, порача Џаферовиќ.
Поради тоа, како што рече, смета дека таквото однесување не им одговара ниту на оние што ги претставуваат таквите политики, односно оние што се такви политичари, бидејќи народот во делот на БиХ од кој доаѓаат тие политики и политичарите не живеат добро.
„Народот ни заминува. Ова е крајно време сериозно да се преземат чекори и тие политичари да свртат лист и негативната приказна да се претвори во една позитивна приказна“, наведува Џаферовиќ.
Џаферовиќ говореше и за идната соработка со колегата во колективниот шеф на државата од српскиот народ, Милорад Додик.
„Од мене не зависи. Јас сум личност која е подготвена да гради конструктивна атмосфера, да даде полн придонес кон тоа. И досега го правев тоа во своето политичко делување. Не живее добро народот ниту во делот на БиХ од каде што доаѓа Милорад Додик, а тој дел се вика босанскохерцеговски ентитет Република Српска. И политиката на рушење, една деструктивна политика, не е во интерес ниту на тој ентитет, ниту на српскиот народ. Во интерес на сите е да градиме позитивна атмосфера и очекувам такво однесување. Не можам јас во овој момент да ги предвидувам работите, но можам да кажам што е она што јас ќе го направам и кон што јас ќе се стремам“, наведе Џаферовиќ.
Тој вели дека никој и ништо не може БиХ да ја врати наназад, бидејќи нејзиниот пат се знае, а тоа се ЕУ и НАТО интеграции.
„Институциите на БиХ веќе ги донесоа сите потребни одлуки. Никогаш не треба да се заборави дека во 2005 година е направена една од најзначајните реформи во БиХ, а тоа е реформа на одбранбениот сектор. Ние тогаш во Законот за одбрана на БиХ запишавме дека сите институции, а особено Претседателството на БиХ и Парламентарното собрание на БиХ, како и Советот на министри на БиХ, се должни, без одложување, да ги преземат сите чекори за да државата што поскоро стане членка на НАТО-сојузот. За тој закон гласаше и политичката партија на чие чело беше, а и сега е, Милорад Додик“, истакнува Џаферовиќ.
- НАТО перспектива на земјитe на Западен Балкан -
Истовремено, истакна Џаферовиќ, Претседателството на БиХ во мандатот 2006-2010 година поднесе барање за Акционен план за членство на БиХ во НАТО и за тоа гласаше и членот на Претседателството на БиХ од политичката партија на чие чело е Милорад Додик.
„Ова што можевме да го видиме во последните неколку години од Милорад Додик и другите политики што се слични, а доаѓаат од босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска е некој вид политизација. Политизација е едно, а државните одлуки се нешто сосема друго. Мораат да се почитуваат одлуките на институциите на БиХ. И јас очекувам дека Милорад Додик ќе ги почитува одлуките на институциите на БиХ. Затоа што, ние немаме друг пат. Нашиот единствен пат, без која било алтернатива кога е интеграцискиот процес на БиХ во прашање, е членството во ЕУ и НАТО сојузот“, смета Џаферовиќ.
Порача дека со членството во ЕУ, БиХ, како и секоја држава во светот, постигнува некои политички, економски, социјални, еколошки и бројни други цели.
„Мислам дека со тоа членство се постигнува уште нешто посебно важно за овој дел од светот, за подрачјето на Западен Балкан. Со членството на сите земји на Западен Балкан во ЕУ, се релаксираат вкупните односи во регионот, се релативизира прашањето на границите и вкупниот живот на сите луѓе е значително подобар и со поголема перспектива“, вели Џаферовиќ.
Како што нагласи Џаферовиќ, исто е и со НАТО сојузот, со тоа што НАТО сојузот, освен што дава сигурност, може да даде и политичка стабилност, може значително да придонесе и за економските реформи и за економскиот развој...
„Бидејќи, тоа не е само одбранбена алијанса. Нејзиниот спектар на влијание е значително поширок. Мислам дека перспективата на сите земји на Западниот Балкан е во НАТО. Ние сме дел од Европа, сакаме да станеме дел од европските институции. Ова е НАТО простор. Тоа е потполно јасно кога сега ќе се погледне мапата на членките на НАТО во овој дел од светот. Тоа ќе му биде јасно. И што поскоро тоа го сфатат оние што ја политизираат таа тема, побрзо ќе ги постигнеме тие цели и со тоа помалку ќе губиме време, беспотребно“, порача Џаферовиќ.
- „БиХ ги почитува соседите и очекува тие да го прават истото“ -
Истакна дека е многу важна регионалната соработка кога е во прашање меѓународната позиција на БиХ.
„Ние со нашите соседи треба да соработуваме на меѓусебни принципи на уважување, почитување на принципите на реципроцитет. БиХ ќе ги почитува своите соседи толку колку што тие ќе ја почитуваат БиХ. Ни помалку ни повеќе од тоа. Нашите соседи мора да сфатат дека освен што сме соседи тие имаат уште една обврска која произлегува од Дејтонскиот мировен договор. Ги немаат правата на кои многу често се повикуваат, бидејќи тие не се гаранти на Дејтонскиот мировен договор. Тие имаат обврска, буквално тоа го пишува во Општиот рамковен мировен договор за мирот во БиХ, да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет на БиХ и да не преземаат ниту една активност со која овие вредности на нашата земја на кој било начин би биле повредени. Според тоа, очекувам нашите соседи да ја почитуваат БиХ“, истакна Џаферовиќ.
Порача дека БиХ од своите соседи никогаш ништо не барала што не ѝ припаѓа.
„Се знае каде е границата помеѓу БиХ и Србија. Тоа не е спорна работа. Таа и денес се почитува. Зошто не се заклучи договорот за границата така како што е границата? Па, тогаш во пограничните подрачја сите прашања што се однесуваат на пограничното подрачје со билатерални договори да се решаваат во корист на двете земји. Зошто се бара размена на територии? Не може, нема никаква размена на територии и нема никогаш да ја има“, порача Џаферовиќ.
- „Да се унапредат односите со Турција“ -
Говореше и за односите и соработката на БиХ и Турција, како во политички, така и во економски сегмент.
„Република Турција е многу важен партнер на БиХ. Таа нам ни е пријателска земја. Република Турција го поддржува нашиот европски пат, го поддржува патот кон НАТО на БиХ. Не се меша во внатрешните прашања на БиХ. Од нас не бара ништо и само ни помага. Таа е пријател кој не бара ништо, само помага. Таа соработка треба да продолжи, пред сè, најмалку со овој интензитет како што било досега“, вели Џаферовиќ.
За економската соработка на БиХ и Турција вели дека постои голем простор и верува дека таа соработка во наредниот период ќе биде проширена.
Тој се осврна и на проектот на изработка на Автопатот и брзиот пат Сараево - Белград, односно колку тоа ќе биде важно, не само за регионалната поврзаност, туку и за поквалитетно поврзување на БиХ со истокот.
„Тоа е многу важен и многу битен проект. Република Турција е подготвена да ѝ помогне на БиХ тој проект да се реализира под многу, многу поволни услови. И во оваа, како и во секоја друга прилика, ја изразувам својата благодарност на Република Турција и претседателот на оваа земја, Реџеп Таип Ердоган, на иницијативата што ја имаат за тоа прашање. Верувам дека тој проект ќе биде реализиран. Тоа ќе придонесе за вкупната регионална соработка и може да биде само од голема корист. Не може да му штети на никого“, рече Џаферовиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
