İlayda Çakırtekin
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Романија воведе итни мерки што стапија на сила вчера, со цел да го ублажи порастот на цените на горивата, предизвикан од тензиите на Блискиот Исток, пренесува Анадолу.
Мерките, усвоени како дел од итна уредба на Владата минатата недела, им овозможуваат на властите да интервенираат на пазарот преку прогласување кризна состојба до 30 јуни 2026 година, објави Радио Романија.
Со уредбата се предвидува и можност за ограничување на трговските маржи по должина на целиот синџир на дистрибуција на гориво, кога тоа ќе се оцени како неопходно.
Од вчера до крајот на јуни производителите, увозниците, дистрибутерите и продавачите на гориво ќе треба да применуваат трговска маржа базирана врз просекот од минатата година, со цел да се спречат шпекулативни зголемувања на цените.
Со уредбата се предвидуваат и казни за прекршувања, намалување на уделот на биогорива во бензинот од 8% на 2%, како и ограничување на извозот на дизел и сурова нафта без одобрение од Владата.
Во меѓувреме, романските власти подготвуваат втор пакет мерки за дополнително ублажување на притисокот врз цените, при што намалувањето на акцизата за дизел се смета за една од најефикасните опции.
Кризата на пазарот на енергенти се продлабочи по нарушувањата во Ормускиот Теснец, низ кој дневно поминуваа околу 20 милиони барели нафта, што доведе до пораст на глобалните цени и зголемени стравувања од долготрајни економски последици.
Во меѓувреме, конфликтот во регионот продолжува, откако САД и Израел од 28 февруари извршуваат напади врз Иран, а Техеран возвраќа со напади низ регионот, предизвикувајќи жртви и штети врз инфраструктурата.