АНКАРА
Со ширењето на новиот тип коронавирус низ светот, луѓето остануваат во своите домови, но експертите предупредуваат дека недоволната физичка активност и лошите прехранбени навики претставуваат ризик по нивното здравје, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Треба да имаме на ум дека здравата и балансирана исхрана ќе го зајакне нашиот имунолошки систем и ќе нè заштити“, изјави Ведат Горал, гастроентеролог во болницата при Универзитетот „Медипол Мега“ во Истанбул.
Горал нагласи дека првата работа што треба да ја направиме е да се фокусираме на она што всушност го јадеме за време на карантинот дома.
„Консумирајте ги вашите оброци на маса. Не јадете на кауч, во спалната соба или пред компјутер, бидејќи на тој начин може да консумирате повеќе отколку што ви е потребно, без да бидете свесни за тоа колку јадете. Ваквиот модел на однесување може да доведе до зголемување на телесната тежина, па дури и до хронични заболувања“, изјави тој.
Тој смета дека е многу важно и она што го купуваме, и додаде дека за време на полициските часови или вонредните состојби луѓето купуваат повеќе тестенини, бидејќи се евтини. Но тестенините не се идеален оброк, поради големиот број калории и ниските нутритивни вредности.
Тој препорача наместо да јадеме тестенини, повеќе да консумираме храна богата со влакна и протеини, како и овошје и зеленчук.
Горал додаде дека не би требало да ги заборавиме намирниците богати со витамин Д и калциум, како што се млеко, јајца, јогурт и сирење.
Тој советуваше и консумирање намирници богати со витамин Ц.
„Од овошје можете да јадете јаболка, портокали и цитрусни овошја“, изјави Горал.
За оние коишто не консумираат месо, препорачува грашок, црвена леќа, леблебија и црвен грав како алтернатива.
Тој истакна дека здравата и балансирана исхрана не е доволна и дека е потребна физичка активност.
„Консумирањето засладени пијалаци кои го покачуваат нивото на шеќер во крвта, бел леб, слатки, обработени намирници од месо кои се јадат за доручек или пак, храна која содржи висока количина на сол, треба да биде сведено на минимум“, изјави тој.
Тој исто така предупреди дека треба да се избегнуваат алкохолот и цигарите, особено за време на овој стресен период.
Гизем Генџјурек, нутриционистка во болницата при Универзитетот „Медипол Пендик“ во Истанбул, укажа на тоа дека стресот може да натера некого да јаде повеќе во време на намалена физичка активност.
„За да се спречи ова потребно е да се придржуваме кон здравата исхрана и здравиот начин на живот, коишто и не се толку тешки за следење“, изјави Генџјурек.
„Прва од работите што треба да се следат е балансираната исхрана. Треба да вклучиме четири основни групи намирници кои ни се достапни, како што се месо, млеко, житарки, овошје и зеленчук, особено во главните оброци - доручек, ручек, вечера“, изјави таа.
„Пиењето вода е уште една важна работа која не треба да се заборави“, изјави Генџјурек, која додаде дека зајакнувањето на имунолошкиот систем е многу важно.
Таа нагласи дека е корисно да се земаат мултивитамини и пробиотици.
„Потребно е да одбереме здрава алтернатива наместо пакувани, обработени и засладени производи. На пример, наместо чипс додека гледате филм можете да јадете пуканки или наместо газирани пијалаци можете да пиете млеко со куркума.“
Таа додаде дека е неопходно да се биде активен колку што е можно од дома и да се прават вежби коишто може да се пронајдат на интернет.
Генџјурек рече дека за време на карантинот особено се важни и навиките што се однесуваат на хигиената и спиењето.
Потсети дека собите треба да се проветруваат и рацете често да се мијат со сапун.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 480.000, Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.500 лица.