Elena Teslova
26 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
МОСКВА
Бројот на потврдени случаи на заразување со Ковид-19 во Русија се зголеми на 840, при што само во изминатите 24 часа се потврдени 182 нови случаи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Две лица во Москва починаа како последица на вирусот, додека 38 се излекувале, според последните бројки на официјалниот интернет-портал кој обезбедува информации за Ковид-19.
Москва води во потврдените случаи на зараза при што половина од заболените пациенти се од главниот град.
Од 182 нови случаи, 132 се детектирани во Москва.
Министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, во посебно соопштение изјави дека руската Војска ќе изгради 16 привремени медицински објекти во борбата против Ковид-19.
Тој изјави дека осум центри со капацитет од 800 кревети ќе бидат изградени до 30 април во градовите Одинцово и Подолск во регионот на Москва и во други регионални градови - Нижни Новгород, Волгоград, Новосибирск, Оренбург, Улан-Уде и Усуријск.
„Уште осум здравствени центри ќе бидат изградени до 15 мај“, изјави Шојгу, не давајќи дополнителни информации за нивната локација.
Во мерките преземени за спречување на ширењето на вирусот спаѓаат затворање на образовните институции, ноќните клубови, кино-салите, како и суспендирање на воздушниот и копнениот сообраќај со неколку земји.
На постарите лица, патниците од странство, како и на оние лица што покажуваат симптоми им е издадена наредба за карантин, и доколку не ги почитуваат правилата ќе бидат казнети со затворска казна до седум години.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 190 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 480.000, Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 21.500 лица.