Alma Çekovic
07 Септември 2019•Ажурирај: 09 Септември 2019
ЛОНДОН (АА) - Исхраната која не вклучува месо ја намалува опасноста од срцеви заболувања, но го зголемува ризикот од мозочен удар, покажува најновото истражување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во истражувањето, кое го објави Британското медицинско списание, учествуваа 48.000 лица, а се спроведувало 18 години.
Истражувањето покажа дека на 1.000 учесници - вегани и вегетаријанци - имало 10 случаи помалку заболени од срцеви болести во однос на лицата кои консумираат место, но истовремено имало повеќе случаи на мозочни удари.
„Експертите истакнуваат дека без оглед на исхраната, консумацијата на широк спектар на храна е најдобро за нивното здравје“, пренесува „Би-би-си“ (BBC).
„Пораката до сите е дека има смисла да се има добро планирана диета и да се јаде широк избор на намирници. Консументите на месо не мораат да имаат разновидна исхрана, бидејќи можат секоја вечер да живеат на месо и компири и да не јадат зеленчук“, изјави Френки Филипс од Британската диететска асоцијација.
Британската национална здравствена служба советува балансирана исхрана која вклучува пет дневни оброци богати со овошје и зеленчук, храна богата со влакна, протеини и млечни производи. Храна со голем процент на масти, шеќери и сол треба да се јаде поретко и во мали количества.
Лицата на веганска и вегетаријанска исхрана исто така треба да внесуваат доволно одредени хранливи состојки.
Лицата кои консумираат месо, млечни производи и риба, обично имаат доволно витамин Б12, потребен за здрава крв и за нервниот систем.
Железото, исто така потешко се апсорбира од растителната храна, така што тие кои се одлучуваат да не јадат месо, во својата исхрана мораат да вклучат намирници како интегрален леб или брашно, суво овошје и мешунки.