Ali Rıza Akkır
08 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
МУГЛА (АА) - АЛИ РИЗА АККИР - Ајлин Јилдиз Шварц е жена која е најдобар пример за тоа каков би требало да биде односот на човекот кон животните. Шварц е голем љубител на животни, а колкава е нејзината љубов покажува и фактот дека вратите на нејзината вила со базен се отворени за 85 напуштени кучиња, кои секојдневно ги негува и се грижи за нив, пишува Anadolu Agency (AA).
Шварц (63), инаку е пензиониран анестезиолог, а по работниот век поминат во Германија, таа одлучила да се врати во Турција, и во малиот туристички град Бодрум, во близина на Мугла, да купи луксузна вила, во која живеела последните 19 години.
Со оглед на тоа што е голем љубител на животни, Шварц повремено започнала да вдомува и да се грижи за кучиња кои ги нашла на улица. Но како што бројот на вдомените кучиња растел, како што и самата истакнува, природно започнале да пристигнуваат и поплаки од соседите.
Шварц во тој период се грижела за 60 кучиња во својата вила, а поради поплаките на соседите одлучила да ја продаде својата луксузна вила и во местото Ортаџа, исто така во Мугла, да купи помала вила со базен. Со себе ги зела сите 60 кучиња за кои се грижела, а во моментот се грижи за вкупно 85.
Новото место за престој во потполност е приспособливо за кучињата, и така во нејзината вила денес се наоѓаат простории со гарнитура за кучињата, телевизија. Колку таа е внимателна кон кучињата, покажува и фактот дека таа нив ги лекува преку терапија во базен.
- „Не сум сама, имам семејство од 85 члена“ -
Во разговор со новинарот на АА таа истакна дека целосно се грижи за кучињата, вклучувајќи ја нивната исхрана и хигиена, како и нивното здравје.
„Тука не престојуваат само кучиња кои се навикнати на улица. Станува збор за кучиња на кои им е потребен топол дом. Тие не се во состојба да престојуваат на улица. Затоа се потрудив да им обезбедам една топла атмосфера за да продолжат да живеат удобно“, изјави Шварц.
Таа додаде и дека понекогаш ги подарува своите кучиња кога ќе пронајде семејства на кои може да им верува дека ќе водат адекватна грижа. Она што исто така го практикува, е тоа што со лицата кои сакаат да ги вдомат нејзините кучиња, потпишува договор кој ги обврзува да го вратат кучето, доколку не бидат во состојба да се грижат за него.
Шварц истакнува дека многумина нејзини пријатели ја прашуваат дали ѝ е здодевно да живее сама, на што таа им одговара: „Често ми е поставувано прашањето ’зарем не ти е здодевно да живееш сама?‘ Јас им велам дека имам семејство од 85 члена и дека сум подготвена да им помагам 24 часа. Кучињата кои ги наоѓам на улица ги водам редовно на контрола кај ветеринар“, појасни Шварц.
- „Целиот мој имот сакам да го оставам на животните“ -
Таа додава дека многу ја растажува кога на улица ќе сретне оставено, гладно или мртво куче, и нагласува дека својот базен во дворот на вилата го користи особено за терапија на кучињата.
Грижата за нив ја прави среќна, истакнува таа, што може многу јасно да се разбере од нејзините реченици:
„Животните ги доживувам како слаби и беспомошни. Животните, и во моментите кога се изложени на најголемо насилство и лошо постапување кон нив, тие на сопственикот ќе мавтаат со опашка. Тие не знаат да мразат. Поради тоа мојот живот го посветив на кучињата. Целиот мој имот, вила и сѐ што поседувам, ќе им оставам ним.“