АНКАРА (АА) - Познато како едно од местата за одмор во Туркије меѓу британските туристи, селото Селимије во близина на медитеранскиот туристички град Мармарис е дом на многу странци, а меѓу нив е и Џени Орхан, пишува Агенција Анадолија (АА).
Со своите сместувачки капацитети со пет ѕвезди и природните убавини, југозападната турска област Мугла пречекува милиони странски туристи секоја година, особено од Велика Британија. Додека некои станаа редовни посетители секоја година, други избраа да се преселат во туристичките подрачја Мугла, Бодрум, Мармарис, Фетије, Дача и Даламан.
Пред 25 години, Џени (62) и нејзината пријателка Џенет, решиле да отпатуваат за Мармарис откако виделе реклама за летен одмор во весник со слика од брод и сино море на која пишувало: „Дојдете и одморете се во Туркије - бидете на брод“.
„Ниту една од нас не се разбира во пловидба, но тоа беше една од тие стрели и дојдовме и поминавме една недела на бротче. Мислам дека беше од Фетије до Бодрум, и поминавме навистина прекрасно. Не ги знаевме другите осум луѓе кои беа со нас на бродот, но ние си поминавме прекрасно“, изјави таа за Агенција Анадолија (АА).
Со небесно синото море и сонцето на ум, Џени и Џенет решиле да се вратат во Мармарис две години подоцна во 1997 година на двонеделен одмор, посетувајќи 10 села во близина на Мармарис.
Откако поминале 24 часа во тогаш малото селце Селимије, Џени рече дека ниту едно друго село толку не ги импресионирало како Селимије.
Во споредба со денес, таа раскажа дека Селимије тогаш било многу поскромно по големина и имало помалку жители.
„Но, додека шетавме наоколу, рековме: „Ајде да се откажеме од Лондон и да дојдеме да живееме овде.“
Како што рече Џени, во Селимије не ја довело само сонцето и природата туку „судбината“ односно „кадерот“, како што кажа на турски.
„Овде го запознав мојот сопруг. Тој беше пријател со сопругот на мојата другарка, Хакан. Тогаш беше столар“, раскажа Џени.
Откако Џенет и Хакан се венчале и заминале за Лондон, Џени останала сама во Селимије две години.
„Селото тогаш беше многу помало, а јас бев пријателка со сите. Тогаш со Метин (нејзиниот сопруг) станавме повеќе од само пријатели“, додаде таа.
„Метин имаше чамец со кој пловевме, беше многу романтично“, рече таа, смеејќи се додека ги раскажуваше спомените.
„Мислам дека имам многу среќа што моето турско семејство целосно ме прифати и беа навистина среќни што јас и Метин се венчаваме“, рече Џени, додавајќи дека тие во годините што следувале добиле син.
Со оглед на тоа што жителите на селото ја прифатиле Џени како своја, таа рече: „Сите ми помогнаа и ме поддржаа и беа среќни што сум овде.“
Џени е позната во селото како „Џени Јенге“ што значи „снајка Џени“.
„Мислам дека во тие денови имаше многу побавно темпо на живот и работите беа малку поинакви“, рече таа, признавајќи дека ќе морала да се приспособи на селото доколку денес дојдеше од Лондон.
Џени Орхан рече дека и покрај јазичната бариера, таа се приспособила на начинот на живот и готвењето во Селимије. Нејзините торти сега се познати меѓу селаните.
„Кога првпат дојдов овде правев торти, како оние за родендени и други пригоди. Доколку некој одеше за Мармарис можеше да купи торта, но во тоа време имаше помал избор и беше далеку.“
„Значи, би ја направила мојата чоколадна торта со чоколаден прелив, и тоа беше одлично задоволство за сите“, рече таа. „Малку храна ги прави сите среќни.
Иако таа ги одржува своите британски корени, Џени Орхан вели: „Се гледам себеси и како Турчинка, на одреден интересен начин.“
„Не го имам примено исламот и сè уште сум христијанка..., но мислам дека еден ден ќе го направам тоа затоа што сакам да бидам погребана овде, не сакам да бидам погребана во Британија...но не сакам да бидам погребана ни на гробиштата во Мармарис каде што се погребани сите дојденци од странство. Сакам да останам овде.“
Таа ги охрабри странските туристи да не се двоумат и да дојдат во Туркије: „Дојдете и проверете и сами, Туркије е прекрасна земја со прекрасни луѓе кои се многу љубезни и гостопримливи.“
Пофалувајќи го гостопримството на локалните жители, Џени Орхан рече: „Тие се толку заинтересирани да ве разберат и да ве запознаат. Спомените се толку добри. Одите во продавница во Мармарис и по две години повторно се враќате и тие се сеќаваат на вас.“
„Сеќавањата се неверојатни“, рече таа, додавајќи дека Селимије има прекрасна атмосфера со љубезни и пријателски настроени луѓе.
Орхан имала поинаков живот во Британија, каде што ѝ служела на покојната британска принцеза Дијана од Велс.
„Мојата последна работа беше да ја водам оранжеријата на палатата Кенсингтон. Така, ја видов принцезата Дијана и му приредив вечера на принцот Мајкл од Кент како изненадување (за неговиот 50-ти роденден)“, рече таа.
Џени рече дека соработувала со неговата сопруга, принцезата Мишел. „Една недела подоцна, купив примерок од Хелоу (списание) во кое имаше слика од нас како ја носиме неговата (на принцот Мајкл од Кент) роденденска торта.“
Џени, која во тоа време често ја гледала принцезата Дијана, рече дека кога била во брак со принцот Чарлс од Велс и живееле во Кенсингтонската палата, покојната принцеза често вежбала и трчала во паркот.
„Пред да се разведе од (принцот) Чарлс, ние ѝ направивме прием за Кралскиот балет. Таа беше покровител на Кралскиот балет, а тие дојдоа и имаа прием и во оранжеријата и ја сретнав таму. Висока дама, убава, убава облека и многу љубезна и беше прекрасна“, додаде Орхан.
На прашањето дали размислува еден ден да се врати со семејството во Лондон, Џени Орхан одговори: „Не!“, „Како ќе издржам со времето?“
„Знаете, добро е да сте на топло и на сонце цел ден.“