Furkan Abdula
22 Април 2018•Ажурирај: 23 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународниот Балкански Универзитет (ИБУ) во Скопје во соработка со Еколошката организација „Go Green” (Гоу Грин), по повод 22 април, Денот на планетата Земја, ја организираа акцијата „Еко патрола” за чистење на Градскиот парк во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа акција за собирање на отпадоците од Градскиот парк учествуваа студенти, асистенти како и вработени на ИБУ, членовите на еколошката организација „Go Green“, а се приклучија и вработените на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

Висар Рамадани, генерален секретар на ИБУ, во изјава за медиумите изрази задоволство и благодарност до еколошката организација „Go Green“, и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ што се приклучија на нивната акција наречена „Еко патрола“.
„Во име на Меѓународниот Балкански Универзитет сакам јавно да изразам задоволство и благодарност до еколошката организација „Go Green“, и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ што се приклучија на нашата акција наречена „Еко патрола“, која има за цел не само расчистување на Градскиот парк туку и да влијае врз свеста на граѓаните дека патот до посигурна и подобра иднина оди преку чистата околина. Оваа наша акција нека послужи како личен пример како секој граѓанин може да придонесе за една подобра иднина“, рече Рамадани.
Бушра Дилиоглу, асистент на ИБУ, истакна дека денес се во Градскиот парк по повод 22 април, Денот на планетата Земја, заедно „Go Green“ и „Паркови и зеленило“ со цел да придонесат за подигање на свеста во насока на чистата животна средина.
„Денес ќе го исчистиме паркот од отпадоци, и на овој начин сакаме да ја подгинеме свеста во оваа насока. Отпадоците да не ги фрламе во природата, туку да ги фрламе онаму каде што треба“, додаде Дилиоглу.
Ана Марија Велиновска, претставник на еколошката организација „Go Green“, рече дека овој настан е организиран за чистење на Градскиот парк и Кејот на реката Вардар, и нагласи дека студентите и граѓаните имаат голем интерес за тоа.
Велиновска истакна дека моментално во тек е и акцијата за чистење на езерото Козјак, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Со ваквите акции пред сè сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните за Денот на планетата Земја. Меѓутоа не само за Денот, туку и за сите други денови кога треба ја зачуваат животната средина во којашто живееме“, рече Велиновска, и додаде дека најчесто собираат пластични шишиња и пластични кеси.