Gamze Türkoğlu Oğuz
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
АНКАРА (AA) - Последното научно истражување откри фрапантен податок дека човештвото за 44 години уништило 60 отсто од животинската популација на Земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Светскот фонд за природа (WWF) објави извештај за состојбата на популацијата на животните во период од 1970 до 2014 година.
Извештајот го составија 59 научници, а се однесува на повеќе од 4.000 животински видови, вклучувајќи цицачи, птици, риби и сунѓери.
Научниците тврдат дека бројот на животни на Земјата за 44 години е намален за 60 отсто, а дека човекот е најголемиот виновник за тоа.
Од WWF предупредуваат дека трагичното намалување на животинската популација претставува отворена закана за опстанок и иднината на цивилизацијата.
„Одиме кон бездна. Кога би говореле за човечката популација и нејзиното намалување за 60 отсто, тоа би била слика на светот во кој не би имало луѓе во Северна Америка, Јужна Америка, Африка, Европа, Кина и Океанија... За такви размери станува збор“, рече претставникот на WWF, Мајк Барет.
Претходните истражувања открија дека со антропоген фактор од создавањето на цивилизацијата се уништени 83 отсто од цицачите и половина од растителните видови.
Научниците тврдат дека во случај негативниот тренд на уништување да запре веднаш, на природата за обнова би ѝ требале помеѓу пет и седум милиони години.