Gözde Bayar
29 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
АНКАРА (АА) - Сто и едногодишен Италијанец кој ја преживеал пандемијата на Шпанскиот грип која започна кон крајот на 1910-тите години, успешно закрепна од смртоносниот коронавирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Италијанецот, идентификуван само како господин П., роден во градот Римини на северозападниот брег на Јадранското Море во 1919 година, растел меѓу двете светски војни.
Минатата недела господинот П. бил примен во болница во Римини откако се установило дека е позитивен на тестот за Ковид-19.
Не е првпат господинот П. да доживее пандемија. Тој ја преживеал и пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 година, во која починаа 600.000 Италијанци.
Заменик-градоначалничката на Римини, Глорија Лиси, изјави дека медицинскиот персонал во болницата немал надеж за постариот пациент, бидејќи луѓето над 65-годишна возраст имаат тенденција кон посериозни симптоми од Ковид-19.
Откако започнал да закрепнува од вирусот бил отпуштен од болница.
Господинот П. им донесе надеж на други пациенти со коронавирус, а неговото пребродување на вирусот послужи како потсетник дека дури и стогодишниците можат да ја победат болеста.
Вчера Италија пријави 889 нови смртни случаи од Ковид-19, со што вкупниот број починати од вирусот во земјата достигна 10.023, највисок во светот.
Бројот на потврдени случаи достигна речиси 92.500, додека над 12.300 лица се излекувани од вирусот.
Откако првпат се појави во кинескиот гран Вухан во декември, вирусот познат како Ковид-19, се прошири во над 177 земји и региони.
Досега во светот се регистрирани над 665.000 заразени со коронавирусот, додека бројот на починати надмина 31.000. Над 152.000 луѓе закрепнаа од вирусот.