Ekip
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
ЛОНДОН
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска во Парламентот изјави дека планира да стави крај на сите преостанати ограничувања за Ковид-19 овој месец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џонсон изјави дека Владата има намера да ја претстави својата „стратегија за живот со Ковид-19“.
„Се надевам дека ќе можеме да ги укинеме последните локални ограничувања еден месец порано, вклучително и законската обврска за самоизолирање доколку резултатот од тестот е позитивен, под услов да продолжат тековните охрабрувачки трендови во податоците“, рече Џонсон.
Ограничувањата требаше да завршат на 24 март, но Џонсон сега сака да ги прекине на 21 февруари.
Поранешниот министер за Брегзит, Лорд Дејвид Фрост, кој ја напушти Владата поради несогласувањата околу ограничувањата за Ковид-19, на Твитер напиша: „Планот на премиерот да ги прекине сите ограничувања за Ковид еден месец порано е вистинската работа и е исклучително добредојден.“
Џонсон беше под притисок да поднесе оставка по информациите во кои се тврдеше дека се одржувале забави во „Даунинг стрит“, додека остатокот од земјата бил во карантин.
Оттогаш, тој се обиде да ги смири членовите на неговата партија во Парламентот, кои постојано искажуваа приговори на ограничувањата за Ковид-19.