Ekipa
11 Февруари 2022•Ажурирај: 12 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) ‒ Целосно вакцинираните патници кои пристигнуваат во Велика Британија од денеска повеќе нема да бидат обврзани да се тестираат за Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Промените во ограничувањата за патување поради коронавирусот на Владата на Велика Британија стапија на сила пред патувањата за време на краткиот училишен одмор.
Целосно вакцинираните патници кои пристигнуваат во Велика Британија повеќе нема да бидат обврзани да прават никакви тестови, но ќе треба да пополнат формулар за лоцирање на патници. Оние кои се невакцинирани, ќе треба да направат тест пред полетување, два дена пред нивниот лет и ПЦР-тест ден или два откако ќе пристигнат.
„Велика Британија ги олесни меѓународните мерки за патување во услови на Ковид-19 и има едни од најпроодните граници во светот, испраќајќи јасна порака дека сме отворени за бизнис“, истакна британскиот секретар за транспорт, Грант Шапс.
„Додека нашиот туристички сектор брзо закрепнува, ние забрзуваме кон иднината во која сакаме патувањата да останат отворени, а овие промени кои доаѓаат пред кратките одмори се добри вести за семејствата, бизнисот и туристичкиот сектор“, додаде Шапс.
Невакцинираните патници, исто така нема да бидат обврзани да се самоизолираат; тоа ќе треба да го направат само ако се позитивни на тестот. Од Владата велат дека одлуката да се отстранат барањата за тестирање ќе заштеди 135 долари на едно просечно семејство.
Претходно овој месец, децата на возраст од 12 до 15 години беа исто така во можност да го претстават својот статус за вакцинација кога патуваат во странство, олеснувајќи ја граничната и царинската контрола во оние земји кои бараат доказ за вакцинација.
„Додека учиме да живееме со Ковид-19, ние преземаме избалансиран пристап кон отворање на меѓународните патувања и ги отстрануваме сите тестови за луѓето кои го одиграа нивниот дел и се вакцинираа“, рече секретарот за здравство, Саџид Џавид.
„Благодарение на милиони луѓе кои се вакцинираа против Ковид-19, ние сме една од земјите со најмногу примени бустер дози во Европа и денес сме во можност да ги преземеме овие чекори.“
Укинувањето на ограничувањата за патување доаѓа неколку дена пред почетокот на училишните одмори кога од многу семејства се очекува да резервираат одмори во странство, а туристичките компании да профитираат од одморите.
Околу 41 милион луѓе или 73 проценти од популација се целосно вакцинирани.