Emre Aytekin
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Во последните 24 часа во Индија, една од најпогодените земји од новиот тип коронавирус (Ковид-19), починаа 3.128 луѓе, што е најмала бројка на дневна основа во последните 50 дена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа се детектирани 152.734 лица позитивни на новиот тип коронавирус, што е најниска бројка во последните 50 дена. Во истиот период од последиците предизвикани од заразеност со Ковид-19 животот го загубија 3.128 лица.
Вкупниот број лица заразени со Ковид-19 изнесува 28.047.534, од кои животот го загубија 329.100 лица.
Вреди да се забележи дека иако бројот на новозаразени случаи во земјата се намалува, бројката на починати сè уште не се намалува со исто темпо.
Бројот на новозаразени во Индија се зголеми над 100.000 на 4 април, на 15 април над 200.000, на 21 април се искачи над 300.000, а на 30 април бројката на новозаразени надмина 400.000.
За првпат во едно деноноќие, од 10 април досега, бројката на новозаразени падна под 150.000.
Од друга страна, додека бројката на смртни случаи на дневно ниво изнесуваше над 4.500 на 18 мај, во последниот период се забележува релативно намалување на бројот на починати, но сепак таа бројка е над 3.000.
Експертите предупредуваат дека точната бројка на заразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19 би можела да биде многу повисока.
Досега од коронавирусот оздравеа 24.633.951 лице, а во моментов во земјата има 2.419.879 активни случаи на Ковид-19.
- Во Индија се администрирани над 213 милиони вакцини -
Во Индија досега се дадени 213.154.129 дози вакцини, од започнувањето на кампањата за вакцинација на 16 јануари.
Вакцинацијата во Индија, со население од околу 1,4 милијарди, сè уште не го достигна посакуваното ниво за да може да се запре епидемијата.
Индискиот институт за серуми, еден од најголемите производители на вакцини во светот, објави дека поради зголемената побарувачка, во мај произвеле 65 милиони дози од вакцината „АстраЗенека“, а во јуни планираат да произведат 90 милиони дози.
Според интернет-страницата „Worldometers“, која секојдневно ги ажурира податоците поврзани со пандемијата на коронавирусот на светско ниво, Индија е втора земја во светот според бројката на лица кај кои е детектиран коронавирусот, а трета според бројката на починати.