Havva Kara Aydın
24 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
АНКАРА
Во Турција денес се потврдени 7 нови смртни случаи како последица на коронавирус, при што вкупниот број на жртви изнесува 44, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во текот на изминатите 24 часа се извршени вкупно 3.952 тестови за коронавирус на лица за кои постоеше сомнеж дека се заразени од кои 343 тестови излегоа позитивни, со што вкупниот број на заразени се искачи на 1.872“, напиша турскиот министер за здравство Фахретин Коџа на Твитер.
„Колку луѓе се заразиле со вирусот? Во 195 земји, ова прашање се поставува секој ден. Иако имаме смртни случаи, не е доцна за Турција“, изјави Коџа, нагласувајќи дека еден од пациентите боледувал од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), а другите жртви биле постари лица.
Додека повеќето жртви ширум светот се постари лица, здравствените работници стравуваат дека може да го добијат вирусот од помлади носители кои може да не развиваат симптоми.
Според податоците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, минатиот декември, новиот тип на коронавирусот се прошири во најмалку 169 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со Ковид-19 ја надмина бројката од 409.000, а како последица од заразеност со овој вирус починаа над 18.200 лица, додека речиси 106.500 се излекувани.