Ekip
21 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ЖЕНЕВА
Повеќе од 3,3 милиони луѓе ги загубија животите поради КОВИД-19 оваа година, повеќе смртни случаи отколку од ХИВ, маларија и туберкулоза заедно во 2020 година, соопшти генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), во понеделник, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејсус рече дека коронавирусот продолжува да одзема околу 50.000 животи ширум светот секоја недела, но тој им кажа на новинарите дека „2022 година треба да биде година во која ќе заврши пандемијата“ со алатките кои светот ги има на располагање.
Гебрејсус зборуваше на првата хибридна прес-конференција одржана од страна на СЗО за новинарите од Обединетите Нации (ОН) во Женева, прва таква средба од јули 2020 година, што ја овозможи АА.
„Последниот пат кога ве угостивме, во јули минатата година, никој од нас не можеше да замисли дека речиси 18 месеци подоцна, ние сѐ уште ќе бидеме во канџите на пандемијата“, рече генералниот директор на СЗО на состанокот за новинари со здружението на дописници од Велика Британија, ACANU.
- Омикрон се шири брзо
Гебрејсус зборуваше и за најновата варијанта на КОВИД-19 која го погоди светот, велејќи дека „сега има постојани докази дека омикрон се шири значително побрзо од делта варијантата“.
Тој истакна дека има и непријавени смртни случаи и милиони смртни случаи предизвикани од нарушувањата на основните здравствени услуги.
Гебрејсус информираше дека пред еден месец Африка го објави најнискиот број на случаи во последните 18 месеци.
„Минатата недела, тие го објавија четвртиот најголем број на случаи во една недела до сега. Африка сега се соочува со засилен бран на инфекции, поттикнати главно од варијантата омикрон“, рече Гебрејсус.
Директорот на СЗО исто така забележа дека луѓето кои биле вакцинирани или прележале Ковид-19 имаат поголема веројатност да бидат инфицирани или реинфицирани од омикрон варијантата.
„На сите нас ни е смачено од пандемијата. Сите ние сакаме да го поминуваме времето со пријателите и семејството. Сите ние сакаме да се вратиме во нормала“, рече тој.
Гебрејсус предупреди дека многу земји традиционално планираат собири кои можат да привлечат гужви за време на Божиќните и Новогодишните празници и предложи таквите настани да бидат преиспитани.
„Земјите треба да бидат повнимателни и да ограничат масовните собири за време на празничниот период. Одложувањето на вакви организации за време на овој период ќе спаси многу животи“, додаде тој.