Ayhan Şimşek
02 Декември 2021•Ажурирај: 03 Декември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германската сојузна и државната Влада дискутираат за поостри ограничувања, со цел намалување на случаите на коронавирусот, додека земјата се бори со четвртиот бран на пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларката Ангела Меркел и Олаф Шолц, кој ќе ја преземе функцијата канцелар во коалициската Влада на Социјалдемократската партија (СПД), Партијата на зелените и Партијата на слободните демократи (ФДП), одржуваат видеоконференциски состанок со премиерите на сојузните држави за да се договорат за новите мерки, кои вклучуваат построги правила за невакцинираните граѓани.
Локалните медиуми објавија дека Нацртот на Владата предвидува примена на „правилата 2Г“ низ целата земја, дозволувајќи им само на вакцинираните и оздравените лица да пристапат до продавници, ресторани, кина и културни или спортски настани.
За некои културни и спортски настани ќе важи правилото „2Г плус“, што значи дека организаторите ќе бараат негативен тест од сите, вклучително и од клиентите кои биле вакцинирани или оздравени.
Нацртот вклучува и построги мерки за намалување на физичкиот и социјалниот контакт за да се запре ширењето на вирусот.
Лицата од исто домаќинство ќе можат да се сретнат со најмногу две лица од друго домаќинство доколку едно од нив не е вакцинирано, согласно предложените мерки.
Германија бележи нагло зголемување на случаи на коронавирусот во последните недели бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории за време на постудените месеци и голем дел од населението останува невакцинирано.
Институтот „Роберт Кох“, државната агенција за контрола на болести, денеска потврди 73.209 нови случаи и 388 смртни случаи поврзани со коронавирусот во последните 24 часа.
Според Институтот, активни се повеќе од 895.000 случаи, алармантна бројка што не е регистрирана во претходните три брана на пандемијата.
Целта на германската Влада беше да се вакцинира најмалку 75 отсто од населението со цел да се спречи експоненцијално зголемување на нови случаи во текот на постудените зимски месеци.
Но, заклучно со четврток, 57,1 милион луѓе, или 68,7 отсто од населението, е целосно вакцинирано против Ковид-19.
Вкупната стапка на вакцинација во Германија заостанува зад многу други членки на ЕУ, вклучувајќи ги Португалија, Шпанија, Данска и Малта.