Ayhan Şimşek
13 Јануари 2022•Ажурирај: 14 Јануари 2022
БЕРЛИН (АА) - Со над 81.000 новозаразени, Германија денеска пријави најголем број случаи на коронавирусот втор ден по ред, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенцијата за контрола на болести во земјата, потврди нови 81.417 заразени и 316 смртни случаи во изминатите 24 часа.
Во моментов, Бремен има највисока неделна стапка на инциденца со 1.349 заразени на 100.000 жители, а по него следуваат главниот град Берлин со 918 случаи и северната покраина Шлезвиг-Холштајн со 656 случаи.
Позаразната варијанта на коронавирусот, Омикрон, предизвика нов бран заразени во Германија овој месец, но поголемиот број заразени досега се со благи симптоми, без потреба од хоспитализација.
Стапката на хоспитализација во Германија вчера изнесуваше 3,13 на 100.000 жители, многу пониска од бројките забележани во претходните бранови на пандемијата.
Бројот на пациенти со Ковид-19 на одделите за интензивна нега, исто така се намали оваа недела, според податоците на Здружението за ургентна медицина ДИВИ.
Заклучно со вчерашниот ден, на одделите за интензивна нега се наоѓаат вкупно 3.050 пациенти со Ковид-19, а на располагање се над 3.000 кревети.
Сепак, претставници на јавното здравство предупредуваат дека силно мутираната варијанта Омикрон се шири побрзо од претходните варијанти, а веќе оптоварениот здравствен систем може да биде уште повеќе оптоварен доколку случаите продолжат драстично да се зголемуваат во наредните денови.
Во Германија вчера беа регистрирани 17.139 нови случаи на варијантата Омикрон, пораст од 11.695 случаи регистрирани претходниот ден.
Експертите велат дека реалниот број на заразени со Омикрон во Германија може да е многу поголем, бидејќи земјата секвенцира само мал дел од позитивни тестови.
Здравствените власти досега имаат регистрирано 50 смртни случаи поврзани со Омикрон и потврдија дека 1.120 лица заразени со Омикрон се хоспитализирани.